Uncategorized
13. издание на фестивалот на нова музика ЗДРАВО, МЛАДИ на 23 септември во МКЦ
На 23 септември (сабота), со почеток во 20 часот, па сè до раните утрински часови следниот ден, ќе се одржи 13. јубилејно издание на фестивалот на нова музика ЗДРАВО, МЛАДИ, кој повторно го носи свежиот звук на светската музика во Скопје.
На 5 бини во Младинскиот културен центар ќе настапат повеќе од 20 артисти од 11 земји од Европа. Како и секоја година, програмата на фестивалот цели кон жанровска разновидност, нови и надежни артисти, како и веќе етаблирани музичари во својата музичка кариера. Надоаѓачките артисти се срцевината на фестивалот.
Во салата „25 Мај“ во МКЦ, популарно позната како Денсинг-сала, централниот настан ќе го отвори настапот на рускиот џез-панк состав „Оми“ по кој следуваат фолк-сензацијата Џутко и „Плодови земље“ од Хрватска, потоа домашниот состав „Мај тиар“ со нов состав и најава за новиот албум, хрватската психоделична банда „Немања“ за на крајот вечерта на оваа бина да се затвори со долгоочекуваниот настап на хрватскиот антирапер Војко В и „Доуп куќата“.
Киното „Фросина“ е наменето за млади надоаѓачки артисти, а некои од нив настапот на ЗДРАВО, МЛАДИ им е посебен предизвик во нивните новопечени кариери. На оваа бина ќе се проследат настапите на новата ѕвезда на српската поп-музика, Жива, Португалката маѓионичарка на уку лелето, Рита Брага, домашниот џез-фолк состав „Калата“ и францускиот рапер Јоланде Башинг.
Клубот МКЦ е резервиран за електронските артисти на фестивалот. Овде публиката ќе има можност да го чуе легендарниот рокенрол-изведувач Јан Свенониус и неговиот последен проект „Ескапизам“, францускиот електронски артист, чиј настап долго се очекува YMNK, кралевите на кумбијата, „Маускович денс бенд“, Италијанците Планет Опал и ѕвездите на вечерта, Британците од PVA, кои за многу кратко време ќе се искачат многу високо на светските топ-листи.
Џебното кино во МКЦ е резервирано за промоција на литературно-музичкиот колектив „Слово култ“, со настап на 3 електронски артисти, ЏејДи Зази, Елизабета Костадиновска и Маргарет Аноун.
На платото пред МКЦ, пак, со свој диџеј-сет ќе нè загреваат во текот на целата фестивалска вечер – резидент диџејот на Здраво Млади, диџеј Фиц заедно со поддршка од локалните диџеј уметници Ајнур Касо и Ертунч Сали.
Младинскиот културен центар ветува уште едно спектакуларно издание на фестивалот, кој оваа година е финансиран од страна на Министерството за култура и Град Скопје, како и настапите на артистите, кои се дел од програмата „Лајвјуроп“.
Билетите се по цена од 800 денари сè до денот на фестивалот. Билетите може да се набават на билетарницата на МКЦ или на онлајн-линкот за продажба на билети на МКЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Бајден: Знаеме кои сме, време е да му го покажеме тоа на светот и на самите себе
Џо Бајден им се придружи на американските претседатели од редовите на Демократската партија во осудата на смртоносната пукотница во Минеаполис. Коментирајќи ја веста дека федералните агенти го убиле 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, Бајден рече дека чинот претставува „предавство на најосновните вредности на Американците“.
Во изјавата во која се повикува на уставното право на правична постапка, Бајден рече: „Ние не сме земја што пука во своите граѓани на улица. Ние не сме земја што дозволува бруталност врз граѓаните за остварување на нивните уставни права. Ние не сме земја што го гази Четвртиот амандман и толерира тероризирање на нашите соседи“.
„Луѓето од Минесота нè потсетија на сè што значи да се биде Американец, а тие веќе претрпеа премногу под оваа администрација. Насилството и теророт немаат место во САД, особено кога нивната сопствена влада ги таргетира американските граѓани“, додаде тој.
Во малку прикриена критика кон Доналд Трамп, чија администрација се соочува со растечки критики за тактиките за имиграција, Бајден истакна: „Никој не може да го уништи она за што се залага и во што верува Америка, дури ни претседателот, ако ние, целата Америка, се заложиме и проговориме“.
„Знаеме кои сме. Време е да го покажеме тоа на светот. Уште поважно, време е да го покажеме и на самите себе“, истакна тој. Тој повика на „целосни, фер и транспарентни“ истраги за „бесмислените“ убиства на Прети и Рене Гуд.
Изјавата на Бајден следува по осудите што ги упатија претходно Барак Обама и Бил Клинтон. И двајцата ги повикаа Американците да проговорат и предупредија дека основните американски вредности се нападнати по засилената репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во Минеаполис.
По напуштањето на функцијата, Бајден претежно се држеше подалеку од јавноста. Тој моментално се лекува од рак на простата и е ангажиран во пишување мемоари и развивање на претседателската библиотека.
Неговите изјави доаѓаат во време кога многу демократи се незадоволни од неговата одлука да остане претседателски кандидат на партијата долго време во текот на изборниот циклус во 2024 година, потег што критичарите го оценија како ослабување на моментумот на партијата.
Бајден на крајот ѝ ја отстапи номинацијата на потпретседателката Камала Харис, која Трамп ја победи и освои втор мандат во Белата куќа.
Uncategorized
Најдено тело на четиригодишно дете кое паднало oд брод со мигранти
Крајбрежната стража на Грција вчеравечер уапси маж кој со брод се обидел да избега додека криумчарел мигранти, додека пак пред два дена, по дојава дека биле истоварени мигранти кај Икарија, властите пронашле тело на четиригодишно дете.
Патрола на крајбрежната стража го забележала бродот како се движи со голема брзина кон западниот брег на Хиос, по што започнала потера, а криумчарот отишол кон плажата Гларој каде ги „истоварил“ сите патници кои избегали.
Подоцна, Крајбрежната стража и локалната полиција подоцна пронајдоа 16 мажи, 11 жени и девет деца, по што биле однесени во прифатен центар на Хиос.
Uncategorized
Возило паднало во водите на реката Радика, има загинати, во прекин сообраќајот Маврово-Дебар
Патничко моторно возило попладнево паднало во реката Радика, на локација кај Манастирот „Св. Јован Бигорски“.
„Од 18:30 часот, сообраќајот на регионалниот пат Маврово -Дебар е во прекин поради извлекување на патничко моторно возило од сообраќајната незгода со загинати лица од водите на реката Радика во близина на Манастирот св.Јован Бигорски, соопшти АМСМ.

