Uncategorized
Во МАНУ промовирана книгата „Делото на Виктор Фридман“

Во Македонската академија на науките и уметностите денес напладне беше промовирана книгата „Делото на академик Виктор Фридман“
„На овој исклучителен настан го претставуваме делото и личноста на еден од најпознатите балкански слависти во светската историја“, изјави претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов. Во оваа публикација на професорката Вера Стојчевска – Антиќ првпат во Македонија се објавува докторската дисертација на Фридман која во американската славистика се смета за најзначајната публикација од Чикашката школа. Во вториот дел на книгата се објавени биографски податоци и впечатоци од личноста и делото на Фридман од други светски научници. „Лингвистите кои се занимаваат со македонскиот јазик за мене претставуваат едно свето семејство. Сите произлегуваат еден од друг, се надополнуваат и се навраќаат еден на друг. Она што отсекогаш ме воодушевувало во личноста на Фридман е неговата самоидентификација со македонскиот народ“, истакна Старделов.На промоцијата говореа и професорката Вера Стојчевска – Антиќ која потсети на сите професионални и приватни средби со Виктор Фридман, како и на местото на македонистиката на универзитетите во САД, како и професорот Марјан Марковиќ и самиот Фридман.Виктор Фридман е американски лингвист и професор на Универзитетот од Чикаго и важи за извонреден познавач на македонскиот јазик и негов афирматор во светот. Тој е редовен учесник на Меѓународниот семинар за македонски јазик и литература кој повеќе од 40 години се одржува во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Петровска-Најт: Северна Македонија и Вермонт покажаа како се создава вистинско сојузништво

„Северна Македонија и американската држава Вермонт имаат исклучително блиска соработка од која учиме и ние и Националната гарда на Вермонт, се развиваме заедно и ги зголемуваме капацитетите како сојузници во НАТО. Ние сме амбициозни затоа што знаеме дека ако сме посветени како и досега, нема граница за она што можеме да го постигнеме и во доменот на интероперабилноста, и во развојот на вештините и способностите на припадниците на Армијата и на Националната гарда на Вермонт“.
Тоа го истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со генерал-мајорот Грегори Најт, командант на Националната гарда на Вермонт кој престојува во неколкудневна посета на Северна Македонија, по повод Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија“.
Министерката посочи дека нема подобар пример за заедништво од она на кое сите бевме сведоци во текот на месец мај, кога армиските припадници и припадниците на Националната гарда на Вермонт заеднички се обучуваа на армискиот полигон „Криволак“ во рамки на досега најголемата вежба реализирана во Северна Македонија, Swift Response 22. Петровска упати благодарност до генералот Најт и Националната гарда и за континуираната поддршка во развојот на капацитетите на армиската единица за АБХО.
На средбата министерката Петровска се осврна и на идните планови во соработката – реализацијата на вежбата Defender 23 следната година, можностите за проширување на соработката преку трилатерално партнерство помеѓу Северна Македонија, Вермонт (САД) и Австрија, како и развојот на капацитетите за киберодбрана и развојот на подофицерскиот кор, кој е столбот на Армијата.
Генералот Најт порача дека Националната гарда на Вермонт останува силно посветена на партнерството со Северна Македонија, кое може да послужи како одличен пример како заеднички се развива интероперабилноста која е клучна во НАТО-алијансата.
Програмата за партнерство со Националната гарда на Вермонт е иницирана во 1994 година, а досега повеќе од 7.000 припадници на Армијата биле дел од заедничките активности. На Националната гарда на Вермонт доделен ѝ е Орден за заслуги, а годинава министерката Петровска на генералот Најт ќе му додели плакета по повод 30-годишниот јубилеј и долгогодишната успешна соработка.
Uncategorized
Трамп: Агентите на ФБИ ми ги украдоа трите пасоши

Агентите на ФБИ заплениле три пасоши на поранешниот американски претседател Доналд Трамп при претрес на неговиот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, напиша експретседателот на САД на социјалните мрежи:
„За време на рацијата на ФБИ ми украдоа три пасоши (еден истечен). Покрај се друго“ – напиша тој.
Umm… pic.twitter.com/ZDX1g8JWVK
— Spiro Agnew’s Ghost (@SpiroAgnewGhost) August 15, 2022
Трамп сето тоа што се случи го нарече „напад врз политички противник од размери досега невидени во САД“.
„Волстрит журнал“ објави дека ФБИ пронашол 11 комплети доверливи документи во Мар-а-Лаго, додека, пак, „Њујорк тајмс“ тврди дека Трамп е осомничен за незаконско користење воени информации, крадење и уништување документи.
Поранешниот американски претседател, како што се претпоставува, има син пасош како и сите американски граѓани, но и црвен „дипломатски“ издаден на функционери.
Трамп доби дипломатски пасош додека беше на чело на Белата куќа.
Агентите на ФБИ неодамна извршија претрес во замокот на Трамп од каде што зеле 27 кутии со доверливи документи.
Uncategorized
Во Црна Гора мерките против коронавирусот продолжени за 14 дена

Епидемиолошките мерки – задолжително носење заштитни маски во здравствените установи, колективните центри и јавните превозни средства, аеродромите, продавниците, аптеките, бензинските пумпи – се продолжени за следните 14 дена, соопшти Институтот за јавно здравје.
Ваквата одлука, се наведува, е донесена во согласност со моментната епидемиолошка состојба, а врз основа на сеопфатна анализа на бројот на новозаболени и епидемиолошки показатели, што беше разгледана од работната група за контрола, превенција и сузбивање на заразната болест Ковид-19.
„Напоменуваме дека тековно важечки мерки се: задолжително носење заштитни маски во здравствени установи, колективни центри и средства за јавен превоз, задолжително носење заштитни маски во сите институции на јавната администрација, во објекти од витално значење: продавници за храна, аптеки и бензински станици, задолжително носење заштитни маски на аеродроми, железнички и на автобуски станици“, се вели во соопштението, пренесува „Блиц.рс“.