Uncategorized
„Маркиза“ премиерно на сцената на Драмски
Режисерското деби на актерката Ѕвезда Ангеловска, „Маркиза“, работено според делото „Маркиза де Сад“ од јапонскиот автор Јукио Мишима, утревечер ќе ја доживее премиерната изведба на сцената на Драмскиот театар во Скопје
„Според текстот на Јукио Мишима времето и дејствието се случуваат во Париз меѓу 1772 и 1790г. Тоа се години пред и за време на Француската револуција, години на промени, години на убави и тажни спомени на шест жени, кои на најчуден начин се поврзани со името Алфонс Франсоа Маркиз де Сад. Дали неговото присуство или поточно наречено отсутство, ги креира овие жени да бидат реални или измислени? Дали тоа предизвикува тој да се менува низ приказните на овие шест жени, а меѓу нив – низ исповедта на Шарлота? Кои се тие, кој е, всушност, тој? Кои сме ние пред огледалото, а кои сме зад огледалото? Дали можеме да ја уловиме минливоста на времето или сето тоа е само блесок на променливоста? Не постои поглед од никаде, постои секогаш од некаде.Од тоа некаде-дали навистина ја доживуваме личната слобода и дали го пронаоѓаме сопствениот животен простор? или можеби има траги на маски за да се заштитиме, зашто секогаш некој не „загрозува“. Овие прашања не се поврзани со ниту едно време, со ниту еден настан…Тие се секогаш многу, мултиплицирани низ разни времиња, а ние само изборот го правиме. Прашање е дали ние вистински го правиме? Кога скандалот станува задоволство, слободата преоѓа во ропство, идеалот на сопствениот морал не бутка кон лажната среќа, тогаш се појавуваат точките на пресврат. И тогаш не ни забележуваме како старееме, како настанале промените, зашто прашањата за болестите, гладот и смртта стануваат апсурдни, кога веќе толку пати сме го пребродиле стравот и болката“ вели Ангеловска за својот театарски проект.Во „Маркиза“ играат шест актерки: Искра Ветерова – Славенска – Маркиза Рене де Сад, Билјана Драгичевиќ – Пројковска како г-ѓа Де Монтреј, Ирена Ристиќ како грофица Де Сан Фон, Гордана Ендровска – Мари, Трајанка Илиева – Ана и Калина Наумовска – Шарлота.Текстот е синтеза на „Исповед на една маска“ на Мишима кое претставува монолог од „Браќа Карамазови“ од Достоевски и монолог од „Вишновата градина“ на Чехов, една исповед на Шарлота.Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Марија Пупучевска, а кореографијата е на Искра Шукарова. Адаптацијата и изборот на музиката се на Ангеловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Сончево и топло со мала до умерена облачност, попладне нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 24 до 29 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во следните денови ќе се задржи топло време, но во попладневните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Uncategorized
Претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Попладне наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 л/м2), локално поројни и проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне кога во делови од котлината ќе бидат поројни. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 18 степени.
До четврток ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд и ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец (над 60 км/час). Пораст на температурата се очекува кон крајот на седмицата.
Uncategorized
Премиерот Џафери и владиниот државен врв во чест на 9 Мај: Цврсто стоиме на браникот против фашизмот и во одбрана на европската идеја
Владиниот државен врв ги одбележува денешниот голем и значаен датум за Република Северна Македонија и за демократскиот свет, 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Владата, Талат Џафери, во состав со министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, и заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, положи цвеќе и им оддаде почит на борците од Народноослободителната борба пред споменикот „Ослободители на Скопје“ на платото пред Владата на Република Северна Македонија.
На официјалната церемонија, реализирана со воени почести, почит оддадоа и положија цвеќе и: делегација на Сојузот на борците од НОАВМ, предводена од Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците, од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Билјана Блажевска, аѓутант, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од Снежана Калевска-Ванчева, пратеничка, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, предводена од бригаден генерал Орце Јордев, како и претставници од дипломатскиот кор во државата, меѓу кои и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, делегација на Град Скопје, претставници на политички партии.
Претходно, во церемонија со воени почести, делегации од Владата, од Кабинетот на претседателот на државата, од Собранието, од Сојузот на борците од НОАВМ, претставници од дипломатскиот кор, од Град Скопје, од политичките партии, оддадоа почит и положија цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел.
Република Северна Македонија секогаш била на вистинската страна на историјата. Така било за време на Втората светска војна кога земјата била рамо до рамо со прогресивните антифашистички сили. Нашата држава е создадена на рушевините на фашизмот, во извојуваната слобода и со прогресивната идеја за напредок. И, денес, во сложениот геополитички контекст, стоиме со сојузниците како рамноправна членка на НАТО и идна членка на Европската Унија темелејќи го развојот на демократијата.
Пораката на премиерот Талат Џафери и на Владата во чест на денешниот 9 Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа, е дека цврсто стоиме и ќе стоиме на браникот пред какви било форми на современ фашизам, кои се закана за мирот и прогресот насекаде во светот. Исто така, со искрена почит кон големата европска идеја, на која се темели изградбата на Европската Унија, ќе продолжиме да придонесуваме во заштитата и афирмацијата на европските вредности како гаранти на мирот и перспективите и на Република Северна Македонија. Република Северна Македонија припаѓа во европското семејство на народи и држави и стремежот на граѓаните за членство во Европската Унија заедно ќе го оствариме.