Uncategorized
Германската полиција ја интензивира потрагата по возачот на камионот
Германската полиција ја интензивира во средата потрагата по возачот на камионот кој уби 12 луѓе во понеделникот вечерта на божикниот базар во главниот град Берлина, и притоа соопшти дека следи повеќе траги.
Откако на слобода е пуштен барателот на азил од Пакистан уапсен во близина на местото на нападот, германските власти предупредија дека напаѓачот е во бегство и дека веројатно е вооружен. Соопштија, исто така, дека не е познато дали сторителот дејствувал сам или имал помагачи.
Претходно во вторникот џихадистичката сунитска организација Исламска држава(ја презеде одговорноста за нападот со камион на божикен саем во Берлин, во кој во понеделник загинаа 12 луѓе, наведува AMAQ, пропагандна агенција на ова џихадистичка група.
„Извршителот на операцијата…во Берлин е војник на ИД кој ја изведе операцијата како одговор на повиците мети да бидат државјани на земјите од коалицијата“, наведе AMAQ.
Директорот на Здружението на германските детективи за германската јавна телевизија изјави дека полицијата се надева оти наскоро ќе изврши ново апсење.
„Прилично сум уверен дека можеби утре или во блиска иднина ќе имаме нов осомничен“, изјави Андре Шулц во емисија на ZDF.
Весникот Passauer Neue Presse во средата а пренесува изјавата на челникот на групата министри за внатрешни работи на 16-те германски сојузни земји, Клаус Бујон, кој изјавил дека се потребни поостри безбедносни мерки.
„Сакаме да го зголемиме присуството на полицијата и да ја зајакнеме безбедноста на божикните базари. Ќе имаме повеќе патроли. Службениците ќе бидат вооружени со автомати. Сакаме да го отежнеме пристапот до местата на кои се одржуваат базарите и саемите со возилата кои ќе бидат паркирани попречно“, изјавил Бујон за весникот.
Камионот тежок 25 тони се залета во понеделникот вечерта во дрвените куќички во кои се продавало варено вино и колбаси и притоа уби 12 луѓе а уште 48 се повредени. Меѓу жртвите шест се Германци, а возачот на камионот од Полска, е најден убиен во кабината на возилото.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека на сите „особено тешко ќе им падне доколку се потврдат претпоставките дека сторителот на овој чин е некој којшто овде во Германија побарал заштита и азил. Тоа би било особено гнасно и кон многуте германски граѓани кои секојдневно се грижат за бегалците, како и кон другите бегалци на коишто заштитата во нашата земја навистина им е потребна и кој се трудат да се интегрираат во ова општество“,
Дел од германските политичари, пак, и овојпат сметаат дека политиката на Меркел на отворени врати за имигрантите е виновна за серијата терористички напади извршени од лица кои во Германија влегле како бегалци и имигранти, и повикаа на промена на миграциските и безбедносни политики, по овозможувањето повеќе од милион луѓе да везат во земјата во последните две години.
Така европскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) соопшти во вторникот оти смета дека Германија повеќе не е безбедна, Баварскиот министер за внатрешни работи, Јоаким Херман, пак, во средата за германското радио изјави дека постои поголем ризик од исламистички напади поради приливот на имигранти./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Изведба на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ во рамките на фестивалот „Танц фест Скопје 2024“
На 23 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов од поетот Ацо Шопов. Балетскиот триптих ќе се изведе во рамките на јубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“.
Креативниот мозаик е составен од авторите: идејата за проектот и костимографијата се на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски (изведба: диригент Сашо Татарчевски со Женскиот младински хор при МКЦ), сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник – Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм – Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков.
Поезијата на Шопов, односно истоимениот циклус поезија на сцената на Националната опера и Балет, ќе биде прочитана со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и другите уметници. Во формат на триптих балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно сплотување на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.
Uncategorized
Укината социјалната помош на 1.134 лица оти имале возило и за 18 месеци ја оштетиле државата за над 2,5 милиона евра
Министерството за труд изготвило 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална пензија на лица што 18 месеци незаконски добивале пари од државата оти не го исполнувале условот да немаат регистрирано возило на свое име. Техничкиот министер за труд, Ѓоко Велковски, денес извести дека со незаконските исплати овие лица го оштетиле буџетот на Министерството за над 2,5 милиона евра.
„Констатирани се 1.134 незаконски исплати на социјална помош, која траела од јуни 2022 година до моментот кога го објавивме скандалот за што буџетот на Министерството е оштетен за 155.038.530 денари или над 2,5 милиона евра. Во моментот изготвени и донесени се 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална сигурност со забрана за користење на правото во наредните 12 месеци. Граѓаните имаат право на редовен правен лек до второстепените органи, па дури потоа центрите за социјална работа ќе склучат спогодби за враќање на неосновано примените парични средства“, рече техничкиот министер Велковски.
Во ковид-кризата беа олеснети условите за користење на социјалните права од аспект на поседување и користење моторно возило и во системот влегле сите возила постари од пет години. Но, по завршувањето на кризата, во системот останале таквите лица и продолжиле да добиваат помош иако не го исполнуваат условот да немаат возило.
„Ковид-кризата завршува на 30.6 2022 година, но ништо не се презело за преиспитување на предметите на корисниците што поседуваат регистрирано моторно возило и тие останале во системот за социјална заштита и ги користеле правата. Некои директори на центрите за социјална работа самоиницијативно вршеле проверка и правеле прекини во изминатиот период додека тоа не бил случај кај другите“, рече техничкиот министер Велковски.
Техничкиот министер најави дека истражните органи ќе утврдуваат чија е вината за незаконската исплата на социјална помош оти тој, како што нагласи, не бил ниту истражител ниту обвинител, туку имал обврска да ја сопре незаконската исплата на државни пари. Тој за милионската проневера со социјалната помош ја извести јавноста пред еден месец кога најави вонредни надзори во сите центри за социјална заштита во државата.
Uncategorized
Николовски: Рекордни 100 денари за килограм субвенција за прва класа предаден тутун исплатени кон 14.300 тутунари
Денеска на сметките на околу 14.300 тутунопроизводители, исплатени се субвенциите за реколтата 2023 во вкупна вредност од близу 1.5 милијарди денари и тоа за двете мерки, основни и дополнителни директни плаќања или народски кажано субвенции, за договорен и продаден ориентален ароматичен тутун. Ова е досега најголема исплата за поддршка на производителите на тутун, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Минатогодишната реколта тежеше 14.763 тони, а целата количина беше навремено откупена до последниот лист. Тутнот од реколтата 2023 постигна рекорна откупна, од 365 денари по килограм за целокупната количина предаден тутун. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска ја реализираше исплатата на двете мерки, основни и дополнителни директни плаќања, за договорен и продаден ориентален ароматичен тутун. Оваа реколта субвенцијата за тутун е зголемена за 20 денари за сите три класи на тутун, па така субвенцијата за прва класа предаден тутун, за прв пат до сега, постигна вредност од 100 денари по килограм.
„Ова се рекордни бројки и треба да бидат рекордни! Ние ќе продолжиме да правиме се што можеме за уште посилна поддршка на тутунопроизводството, затоа што тоа е култура која се произведува со многу мака, со вклученост на целото семејството, процес кој долго трае, се произведува на отворено и многу зависи од климатските фактори, што значи дека секогаш постои ризик за ова производство, а на многу семејства ова им е единствениот приход. Затоа и велиме дека тутунот е најмачната работа и треба да биде добро платен“, изјави министерот Николовски.
Македонија има најквалитетен тутун во регионот, а од тутунот државата годишно остварува околу 120 милиони евра девизен прилив и како сектор вработува околу 20 илјади семејства.
„Сето ова, нам ни дава јасен правец, дека треба се повеќе да вложуваме за развој на тутунопроизводството. Ние тоа го правевеме и до сега, а така ќе биде и во иднина. Ги укинавме белите картончиња за откуп, ја укинавме субвенцијата од само 60 денари по килограм за сите класи и креиравме нов модел на скалесто субвенционирање по класи и тоа 80 денари за прва, 70 за втора и 60 за трета, а од оваа година сите ги зголемивме за плус 20 денари, па денес имаме 100 денари субвенција за килограм тутун од прва класа“, изјави министерот Николовски.
Покрај добрата откупна цена, која ја вреднува маката на тутунарите, како министерство креираме и конкретни мерки, што обезбедуваат сигурност на тутунарите и стабилен развој на тутунопроизводството.
Од оваа година, тутнарите добиваат нова мерка, основна субвенција по пријавена површина тутун, од 6.000 денари по пријавен хектар. Преку оваа нова мерка тутунарите се стекнуваат и со право на мерката зелена нафта, со поддршка од 2.000 денари по хектар.
Министерот Николовски истакна дека бројките за тутунот се највисоки до сега, упатувајќи благодарност до сите тутунопроизводители, нагласувајќи дека ова е заеднички успех на министерството и тутунарите.