Uncategorized
Џони Неш почина на 80 години во неговиот дом во Лос Анџелес

Американскиот пејач Џони Неш, познат по неговиот реге-хит во 1972 година, I Can See Clearly Now, почина на 80-годишна возраст, рече неговиот син Џон Неш Трети.
Неш почина од природна смрт во неговиот дом во вторникот, изјави Џон Неш Трети за веб-страницата на славните ТМЗ и за локалната ТВ-станица во Лос Анџелес.
„Тој беше прекрасен татко и семеен човек. Тој ги сакаше луѓето и светот. Ќе недостасува во нашата заедница. Семејството за него беше сè“, изјави синот на Неш за ТМЗ.
Хитот I Can See Clearly Now беше објавен во 1972 година и четири недели беше на врвот на Билборд хот 100 листата на најпопуларни синглови, објавувани неделно од магазинот Билборд во САД.
Песната стана хит и во Канада, Велика Британија и Јужна Африка.
Неш е роден на 19 август 1940 година во Хјустон, Тексас, и ја започна својата кариера кон крајот на 1950-тите како пејач и актер.
Во средината на шеесеттите се пресели во Јамајка каде што беше под влијание на реге-музиката.
Тој исто така беше еден од првите нејамајкански пејачи што снимил реге-музика во Јамајка.
Неговиот последен студиски албум Here Again беше објавен во 1986 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Голем број битолчани го искористија бесплатниот скрининг за Хепатитис и болести на црниот дроб

По повод Светскиот ден за борба против хепатитис, во Битола се реализираше бесплатен скрининг за хепатитис Б, Ц и ХИВ, како и еластографија, спроведени со мобилната медицинска единица од Скопје.
Настанот беше дел од националната кампања, организиран во партнерство со: Хепар Центар Битола, Министерството за здравство, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за инфективни болести – Скопје, Официјалната комисија за хепатоцелуларен карцином, Општина Битола, Центарот за јавно здравје – Битола и Клиничката болница Битола.
Граѓаните покажаа исклучителен интерес за скринингот, кој поради зголемената посетеност продолжи еден час подолго од планираното – сè до 13:15 часот – со цел да им се овозможи на сите заинтересирани да се тестираат.
Особено значајна беше поддршката од страна на градоначалникот Тони Коњановски, кој лично ја посети мобилната единица и ја поздрави оваа важна здравствена иницијатива.
Националната кампања за бесплатен и анонимен скрининг за навремено детектирање на болести на црн дроб се реализира во 10 градови во државата. Целта е подигнување на свесноста за црнодробните болести, како што се црнодробен карцином, замастување на црниот дроб од алкохолна и неалкохолна природа, цироза и ретки болести на црн дроб.
Uncategorized
Пожарникарите неуморно и секојдневно на терен, во едно деноноќие се гасеа 33 пожари

Во текот на изминатото деноноќие евидентирани се вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои 12 се активни, пет се ставени под контрола, а 16 се изгаснати.
Активни пожари има во: Василево / Радовиш / Берово – с. Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските Планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација); Прилеп 1 – с. Бешиште, Бешишки Рид, кон с. Градешница (Новаци) и крак кон границата со Р. Грција (мешана шума); Прилеп 2 – активен крак кон с. Дрен, проширен кон с. Галиште (Кавадарци); под контрола помеѓу Царевиќ и Смолани (мешана шума и нискостеблеста вегетација); Македонски Брод – помеѓу Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација); Желино – помеѓу с. Церово и с. Групчин (нискостеблеста и деградирана шума); Петровец – с. Средно Коњаре, крај р. Пчиња (мешана шума); Зелениково – с. Гумалево (ниска и мешана вегетација); Крива Паланка – с. Нерав (висока борова шума); Старо Нагоричане / Куманово – с. Облавце, Бељаковце, Довезенце, Јачинце (ниска вегетација); Старо Нагоричане – с. Руѓинце (ниска вегетација); Василево 1 – с. Сушево (грмушки и ниска вегетација); и Василево 2 – с. Добрашинци (грмушки и ниска вегетација).
Под контрола се пожарите во: Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева); Македонски Брод 2 – с. Латово (ниска вегетација и деградирана шума); Струмица – с. Баница и населба Софилари (висока трева); Карбинци – с. Јунузлија (шума); и Штип – помеѓу с. Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева).
Изгаснати се пожарите во: Сарај 1 – с. Семениште (стрниште и гранки); Сарај 2 – с. Паничари (сува трева); Гази Баба – с. Трубарево (стрниште, грмушки и сува трева); Шуто Оризари – ул. Брсјачка Буна (дива депонија); Кривогаштани – кај депонијата (сува трева и грмушки); Струмица – м.в. Три Води (ниска вегетација и мешана шума); Василево – с. Василево (ниска вегетација); Струга 1 – с. Калишта (ниска вегетација и ѓубриште); Струга 2 – с. Октиси (депонија); Штип – кај м.в. 9-ти км (сува трева); Карбинци – с. Радање (стрниште, сува трева и штала); Куманово 1 – н. Бедиње (ниска вегетација); Куманово 2 – с. Табановце (сува трева); Куманово 3 – ул. Никола Тесла (сува трева); Куманово 4 – с. Тромеѓа (сува трева); и Теарце – с. Непроштено (сува трева).
Uncategorized
Го онесвестиле удирајќи го со клешти оти се сомневале дека им краде лубеници

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека заедно во група извршиле кривично дело – Насилство предвидено во член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, на возраст од 39 и 31 година, на 24 јули во скопското село Орешани извршиле грубо насилство и ја загрозиле сигурноста на едно лице, за кое сметале дека украл лубеници од нивата на првоосомничениот.
Со товарно возило го следеле оштетениот додека тој со автомобилот се движел од Петровец кон селото Таор, се додека не се паркирал во дворот на куќата на неговиот внук во Орешани, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Осомничените пристигнале веднаш по него, излегле од возилото и го нападнале. Насилно го извлекле оштетениот од возилото и го удирале со тупаници и шамари по главата и телото. Вториот осомничен извадил водоводџиски клешти од камионот, па и со нив го удирале се додека оштетениот не паднал во безсознание. Му нанеле тешки телесни повреди поради кои тој во живото- загрозувачка состојба е хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија. Со дејствијата на насилство, кај сведокот – внукот на оштетениот и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Ценејќи ги сите околности и ризици, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.