Daily news
ЦУК: Во моментов не постои опасност за манастирот Трескавец
Пожарот во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село, повторно е активен во правец на село Забрчани. Во моментов манастирот не е загрозен, информира Центарот за управување со кризи, според последните информации од терен до 19 часот.
Од ЦУК велат дека гори сува трева, а на терен има екипа од ТППЕ и доброволци.
Пожарот кај село Никодин каде се ангажирани вработени од ЈП МШ „Црн Бор“ -Прилеп е ставен под контрола, а пожарот во близина кај село Крушеви-с.Бонче е локализиран и екипата се повлекува од теренот.
Во продолжение ви го пренесуваме интегрално соопштението од ЦУК:
Состојбата со пожарите во останатите делови од Македонија до 19 часот е следна
Југозападен плански регион
Во пожарот на м.в.Фрлогоец (Женска планина) на Бистра Планина, гори пасиштето (сува трева и смрека) и ниско стеблеста деградирана дабова шума. На теренот се лица од ШС „Лопушник“, а во гаснење на пожарот делуваа и два авиони канадери на ДЗС.
Пожарот на м.в. „Коритски дол“ кој беше активен е со намален интензитет поради дејството на хеликоптерите и силите присутни на теренот. Населеното место Растеш не е загрозено, а на терен е екипа на ЈП„Мак.Шуми.
Попладнево дејствуваат 2 авиони на ДЗС на активните жаришта на атарот на село Волче и с.Заград на М.В. „Мрамор„. Моментално населените места Заград и Волче поради оддалеченоста од активните жаришта не се загрозени.
Пожарот на атар на с.Грешница во ментов е под контрола и обиколен со заштитен појас. Гори нискостеблеста деградирана шума од смрека и даб која од претходните пожари беше опожарена.
За пожарот на атарите на с.Растеш , с.Заград и с.Волче ангажирани се следните сили: ЈП„Мак.Шуми, ТППЕ – М.Брод, како и лица од месното население. Попладнето дејствуваа и 2 авиони на ДЗС.
Појава на шумски пожар имаше и во планинскиот дел близу с.Богојци кон правецот на с.Татеши. Зафатена е нискостеблеста и дабова шума. Во гаснење на пожарот ангажирани се вработени од Шумското стопанство Струга.
Повардарски плански регион
Пожарот кај Јасеновска глава од страна на с.Попадија е активен, но стишан и гасат луѓе од ШС Бабуна.
Во Богомила над стариот пожар утрово беше запален нов пожар, кој сега е стишен. На лице место се луѓе на ШС Бабуна.
Пожарот во атарот на с.Галиште во текот на претпладнето беше згаснат но поради силен ветер повторно се разгорел. Гори на мв Ореов дол, мв Бајков осој и се движи кон с.Галиште. Кон него се упатија сили за гаснење.
Пожарот во месноста Мушов Гроб кој поради ветрот се повтори е локализиран и се врши правење безбедносен појас. Гасат луѓе од ШС Бор.
Северен (скопски) плански регион
Пожарот помеѓу селата Гумалево и Дејковец каде гори ниска неквалитетна шума е со намален интензитет. Вработени од ШС се на терен и продолжуваат со активностите за гаснење.
Тетовско-полошки плански регион
Огнот во опожарените места, во близина на с.Гургурница, Копанце, Туденце и Сиричино сеуште тлее и тоа на сува трева и ниско жбунести растенија. Истиот постојано го држат под контрола вработени во ЈП Македонски Шуми, Припадници на ДЗС, граѓани од населените места, членови на ловни друштва, а по потреба, во мобилна состојба се и вработени во ТППЕ од Тетово.
Истата состојба е и во с.Корито, каде гори сува трева и нискожбунести растенија. И на таа локација ангажирани се ЈП Мак.Шуми, ДЗС, ТППЕ и граѓани. Околу опожареното место, направен е појас и ширењето на огнот е изолиран.
Попладнето е пријавен шумски пожар над с.Волковија – Чегране м.в.Чука. На терен се пратени екипи од ТППЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.