Црна хроника
Крпач сам се пријавил за сведок во СЈО, за него не се водела никаква постапка
Академскиот уметник, Коста Крпач чие тело беше најдено во средата во неговиот стан во Капиштец со прострелна рана на градниот кош, бил сведок во рамки на предистражна постапка што се водела во ова Обвинителство.
Како што соопштуваат од Обвинителството, Крпач доброволно се јавил во ова Обвинителството да биде сведок. Оттаму најостро ги демантираат наводите на одредени медиуми дека ова Јавно обвинителство правело каков и да е притисок врз Крпач.„Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова Јавно обвинителство. Во оваа прилика сакаме да изразиме длабоко сочувство до членовите на семејството на сега покојниот Коста Крпач“, се вели во соопштението.Обвинителството тврди дека поседува докази дека Крпач се наоѓал под притисок, но поради доверливоста на информациите не ги соопштуваат деталите.„Ова јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Коста Крпач, но со оглед дека се работи за исклучително доверливи информации, истите нема да бидат соопштени на јавноста во овој момент. Секако, доколку се јави потреба ние сме отворени за соработка со органите на прогонот кои ја испитуваат смртта на сега покојниот“, соопштуваат од Обвинителството.Пред Специјалното обвинителство никогаш не била водена кривична постапка против Крпач и тој никогаш немал својство на осомничено лице, се додава. „Од тие причини за нас нејасна е одлуката на Претседателот на Република Македонија да го помилува токму ова лице и сѐ уште чекаме одговор на поднесеното барање за достава на податоци од каде му се информациите на Претседателот на Република Македонија дека наводно против ова лице се водела кривична постапка“, се вели во соопштението. Од Обвинителството апелираат до медиумите да не објавуваат непроверени информации.„Би сакале да им укажеме на одредени медиуми да се воздржат од објавувањето тенденциозни написи и непроверени информации, кои не само што фрлаат невистинито светло на настаните, туку истите се на штета на утврдување на вистината и задоволување на правдата. Воедно, повторно апелираме до сите медиуми пред да објават каква и да е информација, да го исконтактираат ова Јавно обвинителство, со цел проверка на информациите кои планираат да ги објават, особено имајќи предвид дека ова Јавно обвинителство доследно го почитува начелото на транспарентност и во рамки на можностите, секогаш е отворено и достапно за соработка“, апелираат од Обвинителството.Истражните органи сѐ уште официјално немаат потврдено дали се работи за самоубиство. Обдукцијата на телото сѐ уште трае, се обработуваат трагите од местото на настанот.Пред да биде најдено безживотното тело на Крпач, тој од својот стан пукал во комбе сопственост на фирма. Неговото име се најде на списокот на аболицирани лица на Претседателот Ѓорге Иванов и беше управител на фирмата сопственик на веб порталот Нетпрес. /крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Возило од Албанија излетало од патот во Струшко: повредени се повеќе лица
Утрово во 08.10 часот, на магистралниот пат Ќафасан – Подмолје, кај клучката за струшкото село Радожда, патничко возило „мерцедес“ со албански национални ознаки, управувано од Ѓ.А.(55) од Елбасан, Република Албанија, излетало надвор од коловозот.
Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил совозачот Б.Х.(31), а со телесни повреди се здобиле возачот Ѓ.А. и сопатниците М.Џ.(51), Ц.П.(34)и Д.Х.(24), сите од Република Албанија, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид.
Надлежните информираат дека увид извршиле полициски екипи.
Црна хроника
Во оптек пуштил лажни евра: уапсен маж од Кичевско
Вчера во 03.00 часот, во казино на булеварот „Туристичка“ во Охрид, од слобода бил лишен Р.Б.(28) од кичевското село Долно Страгомиште.
Тој се сомничи дека во оптек пуштил лажни евра кои сакал да ги прикажи како вистинити, со што сторил кривично дело „фалсификување пари“, според член 268 од Кривичниот законик.
Полицијата соопшти дека против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Жена од Скопско тешко повредена: ја прегазил трактор
Вчера во 18.55 часот во СВР Скопје, било пријавено дека во с.Р`жаничино, скопско, трактор „ИМТ“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Г.К.(50) од с.Р`жаничино, удрил во пешакот С.Л.(57) од истото село.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.Л., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.