Daily news
(ВИДЕО) Гаревски: Не очекувам посилен земјотрес од 5 степени во Охрид
Професорот и директор на ИЗИС, Михаил Гаревски, во интервју за Макфакс смирува дека не очекува посилен земјотрес од 5 степени по Рихтер во Охрид, но и дека земјотресите не може да се предвидуваат.
Тој потенцира дека треба да поминат повеќе години за да се случи посилен земјотрес со магнитуда над 6 степени, каков што се случил во 6 век во Охрид. Макфакс интервјуто со професорот Гаревски го правеше еден час пред да се случи силниот земјотрес во охридскиот регион, од 5,2 степени по Рихер.
„Во моментов дефинитивно се активирани раседите од македонската страна во охридскиот регион, од Косел, до Свети Наум, па надоле накај Корча. Навистина би било неодговорно да предвидувам дали ќе има поголем земјотрес зашто земјотресите и не се предвидуваат“, вели Гаревски. Тој објаснува дека е лошо што овде нема изразити удари, односно фор шок, меин шок или главен удар, а земјотресите се многу блиски. Сепак, од друга страна, вели професорот, истрошена е дел од енергијата околу овие раседи и самото напрегање е редистрибуирано.
„За магнитуда на 6 и пол, сепак, не е истрошена енергијата, но искрено не очекувам дека би можело да има поголем земјотрес“, вели професорот.
Последниов земјотрес во охридскиот регион е уште еден во низата земјотреси, над 800 во изминативе две недели.
Тој објаснува дека ова не треба да се поврзува со вулканот во Косел.
„Јас не сум вулканолог, но, сепак, како специјалист по сеизмичко инженерство морам да кажам дека во Македонија нема живи вулкани и не знам зошто велат дека вулканот во Косел е единствен жив вулкан на Балканот. Можеби бил, пред 100 милиони години. Тие манифестации на сулфур се типични геотермални појави, поради активирањето на овој расед што оди под Охриското Езеро“, објаснува Гаревски.
Професорот вели дека пред две години имало поголеми потреси од другата страна на Охридското Езеро, во Албанија, со поголема магнитуда, дури со 5.9. Исто така, лани во Косел имало земјотрес со јачина од 4.2, но за тој веднаш се знаело дека е главниот удар.
„Сепак, овде станува збор за рој земјотреси што се случуваат еден по друг, вклучувајќи ги оние малите со магнитуда 1 или 2“, додава Гаревски.
Тој ги смирува граѓаните да не бегаат од дома за време на потресот. „Едно е добро, во 2009 е доносен закон според кој Институтот ги контролира сите објекти, а за оние над 3000 метри квадратни се оди двапати да се исконтролира градбата, односно дали е со квалитетен армиран бетон. И тие објекти може ќе се оштетат на магнитуда од 6.5, ама нема да се срушат. Проблемот е дозволата за надградба на стари објекти со плус два ката. Тие може да се ризични“, објаснува директорот на ИЗИС.
Гаревски објаснува дека ако објектот е проектиран сеизмички, нема да се сруши, но ја разбира паниката кај луѓето.
„И јас панично реагирам иако знам дека се наоѓам во просторија што нема да се сруши. Сепак, треба да се биде смирен. Да не се бега од објектот за време на потресот туку да се засолниме под работно биро, маса или слично. Откако ќе престане потресот, да се излезе мирно што подалеку од градби и на отворен простор“, советува Гаревски. На прашњето дали ова има некаква поврзаност со потресите што лани се случуваа во Скопје, вели „Скопје е друго епицентрално подрачје. Охридскиот и скопскиот се два паралелни раседа. Нула се шансите поради охридскиот да се активира и скопскиот расед“, вели директорот на ИЗИС.
Александра Георгиев
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.