Заев планира средба со Ципрас во Атина по Нова година

Заев планира средба со Ципрас во Атина по Нова година

„Ја планирам мојата посета на Атина и се надевам на почетокот на идната година да се сретнам со премиерот Алексис Ципрас, со министерот за надворешни работи Никос Коѕиас, со претседателот на Грција  и со грчки пратеници“, изјавил премиерот Зоран Заев во интервју за грчката агенција АНА-МПА.

Во интервјуто Заев говори за неговите заложби и посветеност за градење пријателски односи со Грција базирани на заемна доверба со што ќе се олесни решавањето на прашањето за името. Тој побарал поддршка и помош од грчките граѓани и, преку институциите, од грчката влада, од опозицијата и од грчкиот парламент. Во однос на прашањето за името, рекол дека тоа „деликатно прашање и не е лесно ни за грчките политичари“, но изразил подготвеност „да се обидат да се разберат меѓусебе и да поттикнат решение што ќе биде заемно прифатливо“.

Заев, исто така нагласил дека за Македонија нема алтернатива на членството во НАТО и во ЕУ и дека владата работи на реформите, особено во судството, јавната администрација и образованието. Во надворешните односи врвен приоритет е подобрувањето на односите со соседите, рекол Заев.