Daily news
Законски измени во Министерството за култура: Правдањето на менаџерите пред министерот се покажало неефикасно
Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, предложи итни измени во Законот за културата. Од пратениците побара брзо усвојување неколку промени кои моментно штетат на текот на работата на институциите, а некои од промените се однесуваат на економичност на буџетот.
Како што наведува Алаѓозовски, со измените на Законот за културата во 2014 година се утврдило дека е потребно склучување менаџерски договори меѓу министерот за култура и директорот на националната установа веднаш по неговото именување. Менаџерскиот договор требало да содржи показатели на успешност што треба да ги оствари директорот и договорни казни за неисполнување на обврските од договорот.
„Имајќи предвид дека ова законско решение не се применува и не придонесе во ефективноста и ефикасноста во раководењето на националните установи, напротив, стана пречка за ефикасно следење на успешноста на директорите на националните установи за култура и преземање соодветни мерки во случај на утврдување неправилности во нивната работа, се предлага бришење на одредбата со која се утврдува склучување менаџерски договор меѓу министерот за култура и директорите на националните установи од областа на културата“, стои во излагањето на Алаѓозовски до пратениците.
Друга измена што се предлага исто така во врска со измените на Законот во 2014 година е кога се регулира дека директорите на националните установи треба на секои шест месеци да доставуваат до министерот за култура извештај за финансиското работење на националната установа и извештај за остварувањето на годишната програма за работа на националната установа.
„Беше утврдено дека доколку директорот не ја остварува годишната програма за работа на установата или има финансиски загуби во работењето, да му се остави можност во следните шест месеци да ги отстрани недостатоците и загубите во работата. Ваквиот законски рок остава можност директорот да оствари дополнителни загуби во работата, што негативно се одразува на квалитетот на целокупното работење на установата, а во пракса менаџерските договори биле склучувани со уште поголеми рокови и мерки кои се несоодветни на целта на законските одредби“, смета тој.
Од наведените причини, се предлага рокот во кој директорот треба да ги отстрани недостатоците и загубите во работата да го определи Министерството за култура во зависност од случајот и сериозноста на проблемите, но не подолго од 6 месеци.
Сепак, Алаѓозовски смета дека, на крајот, со Законот за културата треба да се утврдат и прекршоци за директорите и одговорните лица во субјектите на надзор доколку по барање на инспекторите за култура не ги обезбедат сите акти со цел утврдување на целокупната состојба во работењето на установите и другите субјекти што подлежат на инспекциски надзор од областа на културата, како и номотехничко подобрување на одредбите за да се унапреди вршењето на инспекцискиот надзор на Законот.
Законот за културата е донесен во 1998 година како основен закон во културата и оттогаш е повеќепати менуван.
Другите предлози за измени се однесуваат на пензионираните уметници, кои во согласност со Законот за државните награди се добитници на некоја од државните награди за областа на културата: „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ и „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата и уметноста или за животно дело, да стекнат право, покрај пензијата, да добијат и месечен паричен надомест од средства на буџетот на РМ преку Министерството за култура во висина на разликата меѓу нивната пензија и највисоката пензија во Република Македонија во претходната година. Ова право им е дадено до крајот на животот.
Во моментот ова право го остваруваат 66 уметници.
Констатирано е дека во буџетот на Република Македонија за 2017 година за оваа намена биле предвидени средства во износ од 11.400.000 денари, а како основа е земена највисоката пензија исплатена во 2015 година во Република Македонија во износ од 38.394,00 денари.
„Деновиве од Министерството за труд и социјална политика е добиен податок дека највисоката пензија исплатена во Република Македонија во 2016 година изнесува 47.873,00 денари. Ова предизвика дополнителни фискални импликации во буџетот на Министерството за култура, во износ од 7.331.000 денари, што треба да се обезбедат со ребалансот на буџетот на Република Македонија за 2017 година. Се очекува дека секоја наредна година ќе се зголемуваат средствата потребни за остварување на оваа законска обврска.
Заради надминување на сè поголемите зафаќања од буџетот за оваа намена, наспроти затекнатите неповолни состојби во културата и висината на платата на вработените во одделни делови на културата, особено во областа на заштитата на културното наследство, музеите и библиотеките, се предлага со измените на Законот да се утврди месечниот надоместок на пензионерите да се пресметува како разлика од остварената пензија до фиксен износ од 38.500 денари, кој е на ниво на исплатениот надоместок на пензионерите во декември 2016 година наместо како досега износот да се пресметува како разлика од остварената пензија до највисоката исплатена пензија во Република Македонија во претходната година. На пензионерите што го оствариле ова право до донесување на предложениот закон, ќе им продолжи правото и понатаму“, предлага Алаѓозовски.
Исто така, се предлага и добитниците на наградата „11 Октомври“ за едногодишни остварувања во уметноста, од 1959 до 1987 година, да може да добијат право на месечен надомест како и другите пензионери добитници на државните награди, односно да се даде правна основа за нивен еднаков третман со другите добитници на оваа државна награда.
А. Василевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.