Daily news
Кои се барателите на реформи во ВМРО-ДПМНЕ?
Правници со образовно портфолио и долги години на низа позиции во извршната власт и во партиските тела. Ова накусо е профилот на дел од барателите за реформи во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои денеска на прес-конференција објавија дека почнуваат активности за демократизација и модернизација на партијата. Членови на партијата се повеќе од две децении, а дел од оние кои денеска се појавија во јавноста сè уште се на позиции во извршната власт.
Александар Михајловски – од адвокат на ВМРО-ДПМНЕ до барател на реформи на партијата
Александар Михајловски, кој денеска говореше пред новинарите, е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1996 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје. Бил претседател на Правната комисија и на Комисијата за надворешна политика во партијата, член на Централниот и Извршниот комитет, и на Унијата на млади сили. Бил уредник на гласникот на УМС, „Завет“. Од 2000 до 2002 година работел во МВР, во Кабинетот на министерот како советник за односи со јавноста.
Од 2002 до 2005 година бил правен застапник на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Од 2005 година работи како адвокат во адвокатската канцеларија „Михајлоски и Поповска“, а бил и адвокат на ВМРО-ДПМНЕ до 2011 година. Михајловски бил овластен претставник во Државната изборна комисија од ВМРО-ДПМНЕ. За медиумите во 2016 година изјави дека сите приговори пристигнати од СДСМ и БЕСА за парламентарните избори се неаргументирани и имаат единствена цел да ја продолжат политичката криза.
Петар Богојески – носител на проектите на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на сали, терени и игралишта
Бoгoјески е член на ВМРО-ДПМНЕ е од 1995 година. Бил претседател и основач на општинскиот комитет на УМС Крушево, а предводел и активности и неколку тела на партијата. Докторант на политички науки во Бугарија. Дипломира историја и право. Магистер по политички менаџмент. Работи како државен советник за недвижности и правни работи во Министерството за одбрана.
Бил на неколку позиции во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и Царинската управа. Од 2008 е државен советник за капитални инвестиции во Агенцијата за млади и спорт и државен советник за недвижности и правни работи во Министерството за одбрана. Членува во Младинскиот евроатлански форум, Пан-европската унија и Институтот „Охрид“ во Скопје. Она што може да се заклучи од неговата биографија е дека бил носител на проектите на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на сали, спортски терени и игралишта.
Костадин Богданов – владин агент за застапување на Македонија пред Стразбур
Шест години е владин агент пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Франција.Татко му бил професор на медицинскиот факултет и еден од основачите на партијата, кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 1990, 1994 и 1998 година како и министер за здравство во Владата од 1998 година. Од достапните податоци може да се види дека Стојан Богданов бил прв претседател на општинскиот комитет на партијата за општина Центар. Костадин, пак, бил кандидат за советник во општина Центар на првите локални избори во 2005 кои ги предводеше Груевски.
Магистрира во Мастрихт, Холандија, а кариерата ја започнува во Кабинетот на претседателот на РМ, Борис Трајковски, како помлад соработник за европски прашања и евроинтеграција. Во јуни 2004 година ја основа адвокатската канцеларија „Богданов и Богданов”. Костадин Богданов е редовен предавач на Академијата за судии и обвинители. Учестувал во работната група за изменување и дополнување на Законот за кривична постапка и работната група за кодификација на граѓанското право.
Стојчевски Александар – помошник директор во ЈППССД
Александар Стојчевски е помошник директор во Секторот за правни и општи работи во Дирекција при АД за изградба и стопанисување со станбен простор. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје. Потпретседател на општинскиот комитет Аеродром и поранешен претседател на УМС на Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.