Патот за Сончев Град со месеци готов, но забранет за користење

Патот за Сончев Град со месеци готов, но забранет за користење

Патот за елитната населба Сончев Град, поради кој се пресече дел од шумата на Водно, со месеци стои изграден, но блокиран. Не се користи. По него минуваат само велосипедисти, кои ги прескокнуваат поставените барикади и возат по новиот асфалт. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, за „Макфакс“ објасни дека новиот пат е заглавен во административни процедури поради кои не може да биде пуштен во употреба. Ќе остане така уште некој месец.

„Градежните работи за патот се целосно завршени. Направен е и технички прием, но не можеме да го пуштиме во употреба додека не ја усогласиме документацијата со изграденото на терен. Поради големото свлечиште што се појавило, изместена е трасата, а тоа повлекува низа административни измени. Очекувам оваа пролет, до март, да успееме да ја комплетираме документацијата и да го пуштиме за употреба “, вели директорот Китанов.

Од изградбата на патот за Сончев Град

Направена е измена на проектот, која мора да се вметне во сите документи, објаснува директорот. Поради измената, одново биле барани дозволи, одобренија и согласности од низа институции што се дел од проектот за патот кон Сончев Град.

„Земјиштето преку Министерството за земјоделство требаше да се пренамени, да се направат измени во просторното планирање, да се добијат согласности за измената од Министерството за животна средина, да се добие ново одобрение за градење и да ја платиме сметката на ЈП ’Паркови и зеленило’ за исечената шума. Очекувам секој момент да ја добиеме пресметката од ова претпријатие и ќе ни остане да го добиеме новото одобрение за градење од Министерството за транспорт и врски за да можеме да го пуштиме патот во употреба. Нема други пречки за тој да почне да се користи“, вели директорот Китанов.

Од Јановото претпријатие „Паркови и зеленило“, во чија надлежност е парк-шумата Водно, велат дека за пресметка допрва ќе излезат на терен. Новиот директор Адријан Муча е во тек со проектот и со измените и во контакт со директорот Китанов.

„Сега немаме податоци за тоа колку шума е исечена и какви измени се направени. За да направиме пресметка, екипа од кај нас заедно со претставници од државните патишта ќе направи посебен увид по што ќе знаеме за колкава сума се работи“, изјави директорот Муча за „Макфакс“.

 

 

Свлечиштето е виша сила, нема да се бара одговорност за пробиените рокови

 

Изградбата на патот за Сончев Град почна во јуни 2013 година по низа забелешки и противења на невладините организации за заштита на зеленилото на Водно, кои беа против сечење на шумата за изградба на пат. Министерството за животна средина инсистира на посебна студија за влијанието на новиот пат врз парк-шумата и долго време не даваше согласност за негова изградба. Студијата врз основа на која е издадено одобрението за градење претходната власт никогаш јавно не ја покажа.

Градежниците за време на изградбата на патот постојано се бореа со одрони

На почетокот на градежните активности беше најавено дека патот ќе се гради 18 месеци. Изведувач е градежната компанија „Гранит“, која неколкупати се соочи со големи одрони и свлечишта на патот. Бидејќи првиот рок не беше исполнет, претходната влада најавуваше нови рокови, но сите што ги постави се пробиени.

Сегашниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта вели дека нема да бара одговорност за пробиените рокови.

„Се работи за виша сила, свлечиштето не можело да се предвиди. Доцнењето во изградбата и пробиените рокови се должат на тоа и ние нема да бараме одговорност за ненавремено исполнување на обврските“, рече директорот Китанов.

За изградбата на патот долг 4,4 километри, според досега објавените податоци, се потрошени 7,7 милиони евра.

          

Патот – услов да почне да се гради Сончев Град

 

Изградбата на патот е услов што државата треба да го исполни за да почне да се гради елитната населба Сончев Град. Земјиштето за оваа населба, лоцирано над патот на влезот во Сопшите, на јавна лицитација на крајот на 2012 година од државата го купи турската компанија „Џеваир холдинг“, која ги изгради четириесеткатниците во Аеродром. Турците купија 835.619 квадратни метри земјиште по цена од 132 денара за квадрат, односно 1,8 милион евра. Во Сончев Град, според договорот, треба да им 600 куќи, училиште, градинка, трговски центри, зелен појас и спортски терени.

Проектот за Сончев Град

За изградбата на елитната населба државата се обврза да изгради и канализација и водовод за што веќе се потрошени 9,5 милиони евра.

Турците се трета компанија што се обидува да го изгради Сончев Град откако договорите со претходните две беа раскинати. Договорот за продажба на земјиштето од 2006 година склучен по пат на непосредна спогодба со германската „Бихард констракшн интернешнл“ го оспори Антикорупциската комисија оти бил склучен пред избори, а по изборите, Германците се премислија и се повлекоа кога утврдија дека дел од земјиштето ѝ е дадено на користење на винарницата „Сковин“, а при продажбата им било одземено корисничкото право за што тие се жалеа.

Вторапат државата го продаде земјиштето на израелската компанија „Индустријал билдинг корпорејшн“ во 2007 година. Од таму се обврзаа да ја изградат населбата најдоцна до 2011 година, но се откажаа во моментот кога утврдија дека парцелата понудена на тендерот е поинаква од онаа на самото место. Тие поднесоа тужба против државата, која во 2011 година спогодбено беше повлечена, а Израелците се повлекоа од проектот.

За сомнителната продажба на земјиштето за Сончев Град предмет има специјалното јавно обвинителство, во кој обвинети се поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и уште петмина вработени во Министерството оти ја злоупотребиле службената положба и го прекршиле Законот за јавните набавки. Тие земјиштето за Сончев Град го продале на фирма што не ги исполнувала условите на тендерот.

 

Новиот пат дополнително ќе го блокира влезот на Клиничкиот центар

Жителите на Сопиште, 5.656 според последниот попис од 2002 година, со душа чекаат новиот пат да биде пуштен во употреба. По него, наместо најмалку половина час, до центарот на градот ќе стигнуваат за помалку од десет минути. Но, ќе мора да минат по булеварот Мајка Тереза, поранешна Водњанска, кај Клиничкиот центар. Овој булевар и сега, без жителите на Сопиште, е блокиран. Сообраќајните експерти со години предупредуваа дека патот за Сочев Град е невозможна мисија, меѓу другото, и поради метежот кај Клинички.

Градските власти велат дека ќе мора да се снаоѓаат со постојната мрежа за регулирање на сообраќајот на овој булевар.

„Водњанска нема каде да се шири, просторот е тој што го имаме сега. Нема друго решение, освен сообраќајот да го регулираме со воведување посебни режими. Како ќе се решава ова прашање ќе знаеме кога ќе се пушти во употреба новиот пат. Тогаш ќе можеме да утврдиме какви мерки треба да се преземат за да нема блокада на сообраќајот“, велат од Град Скопје.

Од таму нагласуваат дека патот за Сончев Град е надвор од границите на Генерланиот урбанистички план за Скопје и не бил консултиран во ниту една фаза од планирањето на оваа сообраќајница.

Маја Илиевска-Пачемска