Се сврте бројчаникот на Владата: одземени 300.000 евра од „Јадран филм“ – вкупниот долг е 1,1 милион

Се сврте бројчаникот на Владата: одземени 300.000 евра од „Јадран филм“ – вкупниот долг е 1,1 милион

Агенцијата за филм на Република Македонија преку сопштение известува дека првите 300 илјади евра државни пари се одземени од хрватската продукција „Јадран филм“ како последица на неисполнувањето на договорот за производство на играната серија „Македонија“.

„Во согласност со правосилното извршно решение по законски пат Агенцијата за филм направи поврат на речиси 19 милиони денари, колку што имаше на сметката на „Јадран филм“ во моментот кога беше блокирана. Ова не е целосната сума што државата му ја исплатила на хрватскиот продуцент Винко Грубишиќ – таа изнесува 68 милиони денари или 1 милион и 100 илјади евра со обврска тој до септември годинава да достави готови епизоди од првата сезона. Како ќе се наплати остатокот, ќе знаеме по завршување на истрагата на Јавното обвинителство и Финансиската полиција, кои го проверуваат криминалот за целиот период, од објавениот конкурс во декември 2015 до 4 септември кога истече рокот за предавање 14 епизоди од серијалот“, пишува во соопштението.

Со ова, известуваат од Владата, може да започне за врти бројчаникот на Владата, кој треба да ги брои одземените пари стекнати на криминален начин.

„Овој чекор со ефикасно спроведување на законот треба да биде поттик за сите државни институции во одлучната борба против криминалот и корупцијата и со тоа да ја поддржат определбата на Владата дека ќе се конфискуваат имот и пари што се стекнати со криминално работење“.

Хрватската продукција „Јадран филм“ имала обврска до септември годинава да достави готови 14 епизоди од серијалот „Македонија“. Тоа не било сторено и договорот со нив беше раскинат затоа што во него постои извршна клаузула.

„Во недостиг на снимени материјали, односно непостоење серија, „Јадран филм“ продолжува да манипулира со јавноста пласирајќи кратки видеа снимени во Загреб, кои имаат цел да остават впечаток во јавноста дека нешто се работи. Мојот апел е јавноста да не наседнува на овие трикови што имаат цел на целата работа да ѝ дадат политичка заднина наместо целата работа да се заврши правно. Ние нема да дозволиме со медиумски манипулации тој да се претставува како жртва и да ја извртува вистината“, пишува во соопштението директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

Агенцијата за филм, вели Тозија, е оставена во милионски долгови и со потпишани мегаломански, а неостварливи проекти од претходната власт, нема пари да плаќа пиар-агенции, како што тоа го прави „Јадран филм“ во Скопје. Сега Грубишиќ е спремен да потроши илјадници евра за маркетинг-кампања, да узурпира медиуми што ќе му објавуваат некакви кратки сцени за да сее магла пред јавноста дека тој работи, ама ние не му даваме да доработи, но заборава на фактот дека не треба сега да снима и да пласира видеа, тој требало во согласност со договорот веќе да има готови епизоди“.

На „Јадран филм“ истото тоа му се случува и во Хрватска. Некои медиуми објавија дека и таму сметката му е блокирана, а пред два дена хрватската државна телевизија му го раскина договорот за продукција на играната серија „Гричка вјештица“. Во официјалниот одговор на ХТВ е наведено дека Винко Грубишиќ не ги исполнувал обврските од договорот. Исто така, во Хрватска се водат неколку судски спорови во последните 15 години во кои е вмешана „Јадран филм“.