Шекеринска: Извештаите за хеликоптерската несреќа кај Блаце ќе бидат предадени кај новиот јавен обвинител

Шекеринска: Извештаите за хеликоптерската несреќа кај Блаце ќе бидат предадени кај новиот јавен обвинител

Извештаите за хеликоптерската несреќа кај Блаце ќе му бидат предадени на новиот јавен обвинител, порача денеска министерката за одбрана, Радмила Шекринска, која положи цвеќе пред спомен-обележјата кај Катлановско Блаце во спомен и почит кон припадниците на Армијата на Република Македонија, кои пред десет години загинаа при пад на армиски хеликоптер на враќање од мисијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.

Шекеринска истакна дека во разговор со дел од семејствата биле пренесени критики во поглед на истрагите за причините на падот на хеликоптерот.

„Ја презедов обврската дека сите податоци и извештаи што се достапни во Министерството за одбрана, ќе му бидат предадени на новиот јавен обвинител доколку сè уште постојат дилеми за кои слушаме за причините што доведоа до трагедијата“, рече министерката.

Министерката порача дека денешниот ден е ден кога се одбележува жртвата на 11-те припадници на Армијата, но и ден на кој се потсетуваме колку голем ризик преземаат припадниците на АРМ и со нивната работа и со заштитата на безбедноста на државата, но и со учеството во мировните мисии. Дополни дека државата тоа мора да го цени, мора да го вреднува и да го наградува.

Почит на загинатите припадници на АРМ им оддадоа и членовите на семејствата, како и делегации од Армијата на Република Македонија и од Кабинетот на претседателот.

На спомен-обележјето во базата „Бутмир“ во Сараево венец со свежо цвеќе положи заменик-министерот Беким Максути.

Хеликоптерот „ми-17“ се урна на 12 јануари 2008 година. Во несреќата животот го загубија потполковникот Тони Спасовски, мајорот Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.