Јовановски: СДС ветуваше социјална пензија, а во буџетот за 2018 година не предвиде таква ставка

Јовановски: СДС ветуваше социјална пензија, а во буџетот за 2018 година не предвиде таква ставка

СДС во новиот буџет за 2018 не предвиде уште еден проект кој секојдневно го ветуваа во предизборието. СДС на сите граѓани над 65 години кои немаат остварено услови за пензија, а живеат над 20 години во Македонија им ветуваше дека ќе им даде државна социјална пензија, а сега со новиот буџет не предвидува пари за тој проект, рече на денешната прес-конференција Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со ова Заев ги излажа граѓаните кои се надеваа дека ќе добијат државна пензија, а не го оствариле правото на пензија преку стаж. Десетици илјади граѓани се измамени од Зоран Заев и СДС преку проектот ‘Државна пензија’. Ветуваа живот за сите, ветуваа живот за сите граѓани, а животот дојде само за најблиските околу Заев“, рече Јовановски.

Тој додаде дека наместо државна пензија, граѓаните кои се надеваа на овој проект, добија само една огромна лага.

„Ова е само едно од многуте ветувања кои беа дадени уште пред парламентарните избори во 2016 година, а ниту едно ветување или проект не се предвидени во новиот буџет за 2018. На СДС поважни им се милионските задолжувања, личните богатења на своите партиски функционери, тендерите и раскрчмувањето на државните интереси. СДС нема ниту срам ниту перде, ги лаже граѓаните, ги манипулира и ги маргинализира од реалните суштински проблеми кои ги засегаат сите“, рече на денешната прес-конференција Крсте Јовановски.