Daily news
Видео: Створен нов материјал што го нема во природата – метален водород
Речиси цел век научниците сонуваа да го претворат во метал најлесниот од сите природни елементи, водород.
Во неверојатен чин на алхемијата на модерното време, научниците од Универзитетот Харвард, во САД, конечно успеаја во тоа. Направија малку материја, која до сега не е видена и не постои во природата, а постои голема можност тоа да биде највредниот материјал на планетата во скоро време, пишува научниот магазин Science.
Металниот водород може да ја револуционизира технологијата каква што ја познаваме денес, да овозможи производство на ултрабрзи компјутери, супербрзи левитирачки возови, како и драматично да ја подобри дистрибуцијата на електрична енергија.
Како шлаг на тортата, истиот материјал ќе овозможи истражување на вселената како никогаш до сега.
Сепак, научниците ќе треба да откријат дали тој материјал е стабилен на нормални температури под нормален притисок. Доколку не е, тоа ќе биде разочарување.
Процесот во кој физичарите го добиле металниот водород изгледа така што молекулите од водородот се дробат под огромен притисок меѓу два дијаманта на температура длабоко под нулата, што резултира со нивно спојување и премин во цврста состојба. Како што е познато, водородот на температура многу пониска од нула преминува во течна состојба.
Уредот во кој научниците ги спојуваат молекулите на водород во метален водород, е многу мал, може да се земе во една дланка, но може да создаде притисок меѓу дијамантите, за време на дробењето, поголем од оној во Земјиното јадро.
„Ова е Светиот грал во физиката на висок притисок. Тоа е првиот примерок на метален водоровд на Земјата, па кога гледате во него знаете дека гледате во нешто што до сега не постоело“, вели професорот Исак Силвера од Универзитетот Харвард.
Во моментот, тој ситен примерок метал може да се види само низ дијамантите кои го стегаат. Тој е под огромен притисок меѓу дијамантите на дробилката, а планот е во наредните седмици да се попушта со притисокот и да се зголемува температурата, за да се види дали ќе се задржи стабилен новиот метал.
„Тоа значи ако го тргнете притисокот, тој треба да остане и понатаму метален, слично како и формирањето на дијамантите, кои се создаваат од јаглен под огромен притисок и голема топлина, но потоа остануваат во таа форма кога ќе се стават во нормални услови“, вели Силвера.
Ако се покаже дека металот е стабилен под атмосферски, нормален притисок и на собна температура, светот ќе го добие најдобриот суперпроводник, па во иднина, загубата на електрична енергија која сега изнесува 15 отсто, во нормални мрежи, ќе може да стане дел од минатото.
Професорот Силвера појаснува дека за да настане овој метал потребна е огромна енергија, па при повратен процес би можел да стане извор на енергија за ракетно гориво, со што би се предизвикала револуција во истражувањата на вселената.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.