Daily news
(Видео) Филипче да им се извини на родилките за безобразната изјава или ќе се соочи со протест, реагираат активистите
Скандалозна, неумесна и безобразна изјава на министерот за здравство се дел од реакциите на граѓанските активисти по вчерашната прес-конференција на министерот Венко Филипче, кој дел од вината за големата смртност на доенчињата ја префрли кај родилките. На социјалните мрежи не стивнивуваат барањата за негова одговорност и извинување од министерот, а некои од активистите најавуваат и протест пред Министерството за здравство.
– Во земја во која и најмалите деца знаат дека здравството е во комплетен распад, каде што бременоста чини огромни пари и средства, земја во која сè уште голем број жени немаат достапен гинеколог, недостиг на кадар и мизерни услови на клиниките, замислете, министер за здравство во социјалдемократска влада дава грозоморно капиталистичка изјава во која тој ја приватизира вината врз жената, тоа е скандалозно и министерот мора да си преземе одговорност, а најмалку што може да направи е да им извини на сите родилки и на семејствата што ги изгубиле новороденчињата и на сите што ги претрпеле траумите – вели активистот Славчо Димитров од Коалицијата за здравствени и сексуални права на маргинализираните заедници.
Димитров додава дека Министерството треба да ги консултира невладините организации кои со години работат на решенија за основни здравствени услуги за пациентите и порачува да се фокусираат на обезбедување достапен гинеколог за сите жени, решение на проблемот со патронажните сестри, обезбедување бесплатни прегледи за бремените и бесплатни лекови особено за ранливите категории, како и подобрување на условите во болниците, но и доедукација на кадарот.
Со остра критика реагира и професорката Мирјана Најчевска, која ги осуди изјавите на министерот.
„За предвременото породување не е виновен стандардот (недоволно храна, несоодветни услови за живеење, неможност да се набават сите потребни витамини и потребни препарати), туку, ете, жените не се грижат за сопственото здравје. Не се виновни загадувањето на воздухот и водата и прехранбените продукти. Не. Виновни се жените што не водат сметка за своето здравје. Не е виновна државата што не им обезбедува соодветна здравствена поддршка на бремените жени. Виновни се жените што не водат грижа за сопственото здравје. Не се виновни лекарите што имаат сè помалку знаење. Не. Виновни се жените што не се грижат за сопственото здравје. Не се виновни болниците што се наоѓаат во трета фаза на распаѓање, во кои царува нехигиената, во кои одиш да се разболиш наместо да оздравиш. Не. Виновни се жените што не се грижат за сопственото здравје. Филипче е достоен ученик и наследник на својот ментор Тодоров. Срам да ти е СДСМ и срам да ви е мои шарени другарчиња, кои го изгласавте без око да ви трепне“, напиша Најчевска на својот фејсбук-профил.
Г. Н. Р
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.