Daily news
(ВО ЖИВО) Атанасов: Прашајте го Груевски зошто младите заминаа од Македонија – Станојковска: Ова се празни зборови
Последениот ден од расправата за ребалансот на буџетот донесе бурни реакции во собраниската сала. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат спротивни ставови во однос на новата проекција. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека се кратат пари од капитални инвестиции, а од СДСМ велат дека тие се непродуктивни.
„Прочитајте ги бројките, не ширете популизам. Мајстори сте за тоа! Прашајте го вашиот лидер Никола Груевски зошто младите си одат од Македонија. Од што им е убаво?“, вели Петре Атанасов од СДСМ.
Претседателот Џафери им остави минута време на пратениците да зборуваат меѓусебно бидејќи тие не се слушале еден со друг.
„Ќе верувам дека вашите зборови дека не се популистички кога ќе го распиштете тендерот за Основното училиште „Методија Андонов-Ченто“. До тогаш ова се празни зборови“, вели Невена Станојковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Талат Џафери им кажа на пратениците дека очигледно е добро да се работи секоја недела бидејќи нивното расположение е на завидно ниво.
„Мислам дека треба да дадете уште една минута. Некои пратеници се обидуваат да го спуштат нивото на дебатата во Собранието. Мислам дека Тевдовски имаше тешка работа бидејќи тој реши по 11 буџети, кои не беа реални, тој да го доведе во ред. Од 2003 до 2006 година буџетите беа 900 милиони евра. Со нив се реализираа многу проекти. Потоа, кога дојде ВМРО-ДПМНЕ, буџетот се зголеми на 3 милијарди евра. Честитки до ВМРО-ДПМНЕ што ги собрала. Но, кога ќе се споредат овие два периода, ќе видиме дека во делот на капиталните инвестиции тие се помали. Освен проектот „Скопје 2014“, ние немаме друг капитален проект. Се прашувам каде отидоа повеќе од 12 милијарди евра кои ги собравте од граѓаните?“, вели Максим Димитриевски од СДСМ.
К. Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.