Daily news
Во предлог-законот на пратениците нема целосна либерализација и пушење цигари во објектите
Предложените измени на Законот за пушењето се само во делот на законската обврска за угостителите терасите и летните бавчи да бидат отворени од три страни и без прегради, натстрешници и чадори, велат пратениците од СДСМ, кои уште пред три месеци ги предложија измените на Законот за заштита од пушењето. Појаснуваат дека тие не предложиле пушењето цигари во објектите да биде право на избор на угостителите. Во нивниот предлог-закон за заштита од пушењето стои дека се менува член 3, став 1 и се брише делот „исклучиво доколку просторот е покриен и отворен најмалку од
три страни на кои нема никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично) или на отворен простор кој не е покриен со натстрешници, чадори и слично, а кој странично е заграден“, со што останува само дека се забранува пушењето во јавните простории. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично).
Во јавноста веќе неколку дена има лавина реакции по најавата на премиерот Заев дека Владата подготвува нов закон за заштита од пушење, со што ќе им се остави право на избор на угостителите во објектие каде што не се служи храна, самите да одлучуваат дали таму ќе биде дозволено пушењето цигари. Граѓаните поведоа и онлајн-петиција, која за 15 часа, откако е објавена, има собрано над 2.700 потписи.
„Да не дозволиме да се упропасти еден од ретките закони кој е во одбрана на човековото здравје. Дали профитот на мал број луѓе вреди колку здравјето и животот на само еден човек?“, стои во повикот на онлајн-петицијата што иницијаторот планира да ја достави до македонската влада.
Со реакција се јавија и од Министерството за здравство, од каде што велат дека при креирањето на здравствените политики мора да се води сметка за здравјето на граѓаните.
„Штетните последици од пушењето се познат ризик и според тоа Министерството за здравство не може да промовира либерализација и да поддржува политики штетни за здравјето на луѓето. Пушењето е личен избор, но пасивното не е“, велат од Министерството за здравство.
Од Владата се правдаа дека во прв план и приоритет ќе биде заштитата на здравјето на населението, како и дека нема да носат избрзани одлуки што немаат широк граѓански консензус, но и дека ќе се обезбеди суштинска јавна дебата за регулацијата на пушењето со цел да се слушне мислењето на сите засегнати страни.
Во овој момент во сила е постојното законско решение, а предлог-законот за заштита од пушење од групата пратеници ќе се разгледува по изборите. Во предлогот тие наведуваат дека целта на измените е да се решат постојните економски и социјални проблеми предизвикани од постојниот закон.
„Сметаме дека притоа, со измените и дополнувањата на текстот на законот од 2008 година наваму, воведувани се сè построги правила на заштитата од пушењето, кои особено во делот на заштитата од пушењето во угостителските објекти, се преограничувачки и за вршителите на угостителската дејност, и за корисниците на угостителските услуги и за самите пушачи. Актуелните законски решенија ја влошија економската состојба во Република Македонија со тоа што поради драстично намалената посетеност на кафеаните, кафетериите, ноќните барови, кафе-баровите, кабареата, диско-клубовите, пивниците и коцкарниците, сопствениците беа принудени да отпуштат дел од постојано вработениот персонал, со што се зголеми и бројот на невработени, што е во спротивност со владините кампањи за отворање нови работни места. Угостителскиот сектор доживува драстичен пад на прометот (околу 75 отсто) особено за време на периодите кога временските услови не се поволни за работа (зима, доцна есен и рана пролет), период во кој угостителите се дополнително оптоварени со зголемени режиски трошоци (струја, греење и сл.)“, се вели во законското образложение.
Г.Н.Р
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.