Daily news
Дваесетто издание на Скопје филм фестивал
Скопје филм фестивал за јубилејот, од 20 до 28 април во кината „Милениум“ и Фросина“ и Кинотека на Македонија, се потруди да донесе исклучително богата програма и содржини во чии рамки ќе понуди повеќе од 75 филмови, работилници, гостувања на реномирани филмски имиња, првата македонска филмска ретроспектива на Стенли Кјубрик, а прв пат ќе се одржи и програмата „Креираме заедно“.
Фестивал се отвора на 20 април, во киното „Милениум“, со „Реквием за госпоѓа Ј.“ на режисерот Бојан Вулетиќ, кој годинава беше дел од официјалната програма „Панорама“ на 67. Берлински филмски фестивал. Српско–македонско–руско–бугарско-француска копродукција (копродуцент од Македонија е Томи Салковски, монтажер Владимир Павловски-Тегла), ја раскажува прказната за службеничката Јелена, која решава да изрши самоубиство, но сфаќа дека ништо не е едноставно во земјата што постојано оди напред-назад, меѓу мачнина и транзиција. На свеченото отвоврање на Скопје филм фестивал пред публиката ќе се поклонат легендарната Мирјана Карановиќ која ја игра главната улога, режисерот и сценарист Вулетиќ, како и дел од филмската екипа.
Филмовите се распоредени во осум програми: Гала, Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, во која публиката ќе ја види најновата македонска филмска комедија во режија на Коле Ангеловски „Ах љубов моја“ (21 април, петок), како и неколку краткометражни филмови од најновата македонска продукција. Скопје филм фестивал подготви ретроспектива на Стенли Кјубрик, во рамките на која ќе бидат прикажани пет негови филмови, а по тој повод специјален гостин на Фестивалот ќе биде познатиот Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на Кјубрик. Тој во Скопје, на 23 април ќе одржи предавање, а по проекцијата на филмот „Пеколен портокал“, ќе одговара на прашања од публиката.
Гала програмата ја содржи новата комедија на оскаровецот Фернандо Труеба, „Кралицата на Шпанија“, со Пенелопе Круз, која се одвива за време на диктатурата на Франко. Филмот беше дел од официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал. „Невидливиот гостин“ на режисерот Ориол Пауло е прекрасно снимен трилер кој е продолжение на прославениот „Тело“ од 2012. Меѓу другите, тука е и „Младиот Маркс“ на Раул Пек, беспрекорно снимена, класично замислена биографија што го прикажува создавањето на Комунистичкиот манифест. Најновото остварување на Бруно Думон, „Заливот Слек“, со Жулиет Бинош во главната женска улога, пак е необична, мрачна комедија за буржоаското и екстремно ексцентрично семејство Ван Петегем.
Во програмата Авторски филм ќе бидат прикажани филмовите „Загубени во Париз“, најновото дело на режисерите Фиона Гордон и Доминик Абел, новиот трилер и црна комедија „Кафуле“ на Алекс де ла Иглесија, а тука е и вторит дел од полуавтобиографска филмска трилогија „Бесконечна поезија“ на магот на контракултурата, Алехандро Ходоровски.
Како дел од програмата Панорама на светскиот филм, ќе видиме шест остварувања, меѓу кои се рускиот филм „Ученик“ на режисерот Кирил Серебреников, американскиот „Каков што си“, импресивен филмски првенец на 23 – годишниот режисер Мајлс Џорис-Пејрафит. „Вива“ е првиот ирски филм што влезе во потесна конкуренција за Оскар за неанглиско говорно подрачје, овој филм на режисерот Педи Бретнах е снимен во Хавана.
Годинава, фестивалската публика ќе може да ги види и најинтересните француски филмови во програмата Фокус на францускот филм, а во рамки на програмата на Краток филм ќе бидат прикажани 12 филмови од европска продукција и уште 13 краткометражни шпански филмови.
Скопје филм фестивал и Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје, годинава, преку програмата „Креираме заедно“, за прв пат ги вклучуваат и децата во креирањето на фестивалската програма.
Детската филмска програма на Скопје филм фестивал ќе понуди филмови наменети за сите деца кои се обидуваат да урнат некои табуа и стереотипи за луѓето со попреченост.
Во програмата учествуваа ученици со и без попреченост на возраст од 9 до 14 години од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица кои во духот на самозастапување говореа за себе и својот свет преку работилниците за фотографија, видеозапис и ликовно решение за плакатот на детската програма. Креативните работилници ги водеа уметниците: Ване Костуранов (плакат), Наташа Гелевска (фотографија) и Јане Алтипармаков (видеозапис).
Проектот се имплементира со поддршка од Европската Унија, како дел од програмата „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“, а е кофинансиран и спроведен од страна на УНИЦЕФ.
Во рамки на годинашново издание на Скопски филмски фестивал во кино Фросина, на 27 април ќе се одржи работилница за анимиран филм со Берин Тузлиќ, мултимедијален уметник од Сараево.
Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е познатиот македонски ликовен уметник Ване Костуранов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.