Daily news
ЕУ преплавена со сексуалната пропаганда од Русија
Силувања, педофилија, инцест и содомија – руските медиуми објавуваа стотици лажни или искривени приказни за Франција и Германија во пресрет на изборите. Многу од нив се дизајнирани така за да поттикнат сексуална одвратност кон барателите на азил и политичарите кои им даваат заштита. Веста за Лиза, 13-годишно девојче од руско потекло во Германија, кое според тврдењата било силувано од страна на мигранти, е најпозната од нив.
Лиза заминала од дома неколку дена, а на семејството му рекла дека била киднапирана и силувана од страна на маж од арапско потекло. Германската полиција соопшти дека тоа не е вистина, а таа самата подоцна призна дека ја измислила целата сторија. Но веста беше примена како факт од страна на руска новинска агенција, пред сè за да и се наштети на германската канцеларка Ангела Меркел, застапник на ЕУ санкции против Русија, како и да се посее етничка омраза во германското општество. Веста покрај тоа беше проследена со улични протести организирани од страна на руските иселенички групи.
ЕУ Обсервер проучувал 2.951 примери на руски лажни вести собрани и објавени од страна на сајт за контра-пропаганда на ЕУ. Од 189 приказни кои беа директно насочени кон Франција и кон Германија, 15 отсто беа засновани на сексуални навреди против мигранти или ЛГБТ заедницата во овие земји. Вистинскиот број на лажни приказни за Франција и Германија е многу поголем од 200. Европски дипломат, кој побара да остане анонимен, изјави за ЕУопсервер дека користењето на сексот како оружје на пропагандата не е случајно.
“Сексот се задржува во меморијата”, објасни дипломатот.”Тоа создава многу емоции и, кога вашата цел не е да ги информирате луѓето, туку да ги делите, да дестабилизирате, да ги направите фрагментирани, да се плашат, да се лутат, токму овој вид на порака е тоа што го барате, “, рече тој.
Меѓу покарактеристичните примери, се сториите дека во јуни минатата година мигрант турнал млада Германка под воз. Нападот бил вистински, но напаѓачот не бил мигрант. Во септември истата година руските медиуми објавиле дека жените во многу германски градови се плашат да излезат ноќе за да не бидат силувани од мигранти, без било каква потврда за тоа. Тие, исто така без потврда, објавиле дека француската влада тајно се согласила со исламските радикали да формира зони управувани од нив според шеријатските закони, по што ќе ги репресираат жените во тие делови на Франција.
Тука е и лажната приказна дека НАТО војник силувал девојка во Литванија, како и таа дека мигранти силувале ученички во Финска. Во Австрија пак, според руските медиуми, бил уапсен мигрант кој силувал 10-годишно момче, иако никој не бил уапсен.
Вистински бисер на лажно новинарство се тврдењата, исто така во руските медиуми, дека мигрантите забремениле пет свештенички во манастир во Милано, покрај вестите за масовни силувања во Белгија и во Шведска, при што Стокхолм од нив е прогласен за „главен град на силувањата во Европа“. Во една таква лажна сторија стоело дека германските власти најмиле чешки проститутки за да пренесат сексуално преносливи болести во Чешка, како одмазда за одбивањето на Прага да ги прифати квотите за мигранти. И, тоа не е се. Лани про-руски чешки сајтови објавиле дека Германија планира да ја легализира педофилијата во ЕУ, вест што стигна како „релевентна“ и во македонските медиуми. Рускиот пак весник „Правда“ лани во мај објави дека германската канцеларка Ангела Меркел е лезбејка, а руската телевизија „Рен“ дека европските мажи бараат легализација на полигамијата бидејќи се љубоморни на мигрантите кои имаат повеќе од една жена. Најлажна сепак е веста дека шведската министерка Маргот Валстром е толку екстремна феминистка што заговара масовна кастрација. крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.