Daily news
Заев: На владината седница ќе се разгледува буџетската каса и ќе се распределуваaт ресори
Владата на својата прва седница ќе распределува ресори и портфолија на министрите без ресори. Исто така, ќе се поставуваат заменици претседатели на Владата. Во контекст на ова ќе биде избиран генерален секретар, шеф на кабинет, а ќе се воспостават и постојните и атхок комисиите во Владата за да може да се постават стартните контури на Владата, најави премиерот Зоран Заев.
„На седницата ќе им ги дадам стартните насоки за сите министри согласно програмските определби на Владата. Во првите извештаи сите министри ќе реферираат во Владата, а верувам дека тоа ќе го направи и министерот Тевдовски. Сметам дека треба да ги почекаме нивните согледувања за состојбата на Буџетот. Мој прв впечаток е дека есенва мора да следува ребаланс на Буџетот заради новата владина програма и политики, но тоа зависи и од моменталната финансиска кондиција и ликвидност на Буџетот на Република Македонија“, изјави премиерот Заев во одговорот на прашањето, пред почетокот на конференцијата „Жени во енергетика“, која денеска се одржува во Скопје.
Владата ќе го разгледува и економскиот пакет закони што се подготвуваше целиот период, додека граѓаните очекуваа нова Влада.
„Тоа е делот за реализација на ветувањата за укинувањето на радиодифузна такса, враќањето на евтината тарифа на струјата, социјалниот пакет за најранливите категории граѓани… Дел од овие мерки ќе имаат своја реализација со новиот буџет, а дел ќе почнат веднаш да се реализираат“, рече Заев.
Тој посочи дека се размислува за поставување експертски тимови во многу сфери од работата на Владата и додаде дека сè уште не е одлучено кој ќе биде портпарол на Владата.
Заев рече дека уште денеска би сакал да се сретне со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да може да продолжи договарањето за замениците министри, директорите на јавните претпријатија и агенции и распределбата на експерти во владините органи.
Прашан што ќе се случи со најавата за уривање на оградата и отстранување на новиот мебел во Владата, Заев рече дека имаат намера да ја направат Владата отворена за граѓаните, и тоа секој ден, а не само на отворениот ден за граѓаните.
„Одлуките за оградата на Владата и за мебелот ќе ги носиме соодветно на нашите согледувања. Мораме да видиме што значи согласно Законот за јавни набавки отстранување порти или огради. Бетонските столпчиња може да се направат убави клупи за седење, а металните огради да бидат добар покривач на клупите, но да видиме што ќе кажат архитектите и инженерите. Нашата намера и интенција е да ја отвориме Владата за сите. Верувам дека тоа е објект каде граѓаните треба слободно да пристапат, да комуницираат и да бараат информации, како и да даваат сугестии. Владата треба да биде практично цело време отворена, а не само на отворен ден за граѓаните“, рече Заев и нагласи дека од викендов портите на Владата се веќе отворени.
Прашан кога очекува јавниот обвинител Марко Зврлевски да поднесе оставка, Заев рече дека е ред да се даде шанса брзо да почнат реформите во правосудството и додаде дека Зврлевски е еден од симболите за узурпирана правна држава поради што е неопходно што поскоро да си поднесе оставка.
„Денеска е првиот работен ден по мојот повик за оставка и ги очекувам реакциите на јавниот обвинител. Реформите се приоритет на оваа Влада и нешто што граѓаните го очекуваат од нас, а една од најзначајните реформи е реформата во правосудството. Еден од симболите за узурпирана правна држава е Марко Зврлевски и затоа верувам дека што поскоро треба да поднесе оставка“, посочи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.