Daily news
Иванов-Дуда: Евроатлантските интеграции основен приоритет на Македонија
Претседателот Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Република Полска, во Крињица-Здруј оствари средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.
На средбата, како што информираат од кабинетот на претседателот, двајцата соговорници размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Полска, при што било оценето дека двете земји имаат одлични политички односи и соработка во бројни области. Во таа насока, претседателот Иванов оценил дека одбележувањето на 25 годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Полска во 2018 година ќе биде добра можност за подигнување на нивото на соработка, вклучително преку реализација на официјална средба, како и реализација на бизнис-форум на кој ќе бидат разгледани можностите за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена.
Претседателите размениле мислења за европските и евроатлантските перспективи на регионот. Во тој контекст, македонскиот претседател изразил очекување Полска да помогне во деблокирањето на евроинтегративниот процес на Македонија.
-Интеграцијата во Европската Унија и во НАТО останува основен надворешно – политички приоритет на Република Македонија. Отворањето на пристапните преговори со Европската унија ќе даде силен импулс за натамошна трансформација на македонското општество и ќе биде најдобар одговор пред предизвиците со кои се соочува земјата. Како одговорен член на меѓународната заедница и земја кандидат за членство во НАТО, Република Македонија веќе се однесува како de facto член на НАТО, давајќи активен придонес во мировните операции на Алијансата. Членството на Република Македонија во Алијансата е одамна заслужено, посочил претседателот Иванов на средбата.
Полскиот претседател Дуда нагласил дека Република Полска секогаш ги поддржува европските и евроатлантските апсирации на Република Македонија.
На средбата претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија исклучително ја цени поддршката што земјите од Вишеградската група ја дава за земјата во рамки на институциите на ЕУ. Македонскиот претседател изразил благодарност за помошта од Полска во менаџирањето на мигрантската и бегалска криза и за понудената помош во справувањето со последиците со поплавите во скопскиот регион во 2016 година. Иванов го реафирмирал и интересот за развој на соработката во одбраната.
На средбата биле разменети мислења за можностите за соработка по повеќе сфери од заеднички интерес
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.