Daily news
Иван Чупиќ за Макфакс: Одбраната ќе биде клучна и во реваншот
Вардар, в четврток, го игра четвртфиналниот реванш во Лигата на шампионите против Фленсбург. Со победата на првиот меч во Германија 26-24, вардаровите ракометари зачекорија на завршниот турнир во Келн, но сите во клубот се свесни дека работата сè уште не е завршена и дека само со игра која треба да биде и подобра од онаа во „Фленс арена“, ќе биде остварена целта зацртана пред четири години, а тоа е пласман во елитната четворка на европскиот ракомет.
На 48 часа пред почетокот на мечот, Макфакс разговараше со еден од најискусните играчи во тимот, десното крило Иван Чупиќ, кој во првиот меч постигна пет гола.
МФ: Победивте два разлика на првиот натпревар во „Фленс арена“, што очекувате сега во реваншот во Скопје?
Чупиќ:Нормало е дека очекуваме победа. Резултатот од првиот меч е одличен, но не значи ништо. Мислам дека мора да одиграме одново еден вистински натпревар, со многу борба. Мораме да играме тимски од првата до последната минута. Фленсбург е една одличнa екипа, која ќе знае да ги искористи сите наши евентуални грешки. Резултатот од два разлика може и да залажува, бидејќи доколку не одиграме одличен меч, тогаш ќе ни биде многу тешко да минеме понатаму.
МФ: Од моментот кога беше познато дека ќе играат Вардар и Фленсбург, меѓусебно се анализирате. Може ли да има некои тактички изненадувања во овој натпревар?
Чупиќ: Не може да има тактички изненадувања. Игравме во саботата, сега по само неколку дена е реваншот. И ние и тие го гледавме видеото од првиот меч, ние имаме наш стил на игра, тие свој. Можеби ќе има некои ситни тактички детали, но натпревар од 60 минути, мислам дека нема што премногу да се менува. Ние сме свесни колкава е нашата сила, знаеме точно што треба да направиме, каде се најслаби и тоа ќе се обидеме да го искористиме. Но клучот на победата ќе бидат одличен голман и одлична одбрана, така мораме да се поставиме. Мораме пред нашата публика и во нашата сала да покажеме дека повеќе од нив ја сакаме победата.
МФ: Дали очекуваш дека овој натпревар ќе оди на поголем број на постигнати голови отколку што тоа беше случај во првиот?
Чупиќ: Логиката вели дека ќе има повеќе голови, поради тоа што Фленсбург 90 отсто од своите натпревари ги игра на голем број на постигнати голови. Мислам дека првиот меч на кој тие постигнаа 24 голови е малку според нивните стандарди, но тука заслугата оди кај нашата одбрана и нашиот голман. Ние не се оптоваруваме со тоа дали ќе има повеќе или помалку голови од првиот меч, но ќе гледаме како да го исправиме она што беше лошо кај нас во првиот натпревар. Знаеме дека треба уште подобро да одиграме во одбраната, мораме да им помогнеме на нашите голмани. Тоа треба да биде клучот на успехот. Сигурно е дека и тие нешто се прашуваат во натпреварот. Имаат и тие одлични голмани, играат одлично во транзиција, но не треба да заборавиме дека првиот меч ни беше вистински показател како треба да се игра со Фленсбург.
Иван Чупиќ сезонава дојде во Вардар од редовите на Кјелце, екипа со која минатата сезона ја освои Лигата на шампионите. 31-годишниот ракометар има одиграно 125 натпревари за Хрватска и има освоено девет медали од европските и светските првенства, односно Олимписките игри. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.