Daily news
Министерство за култура: Културните установи соочени со сериозни последици поради негрижата во изминатите години
По првичните информации за сериозни штети предизвикани од дождот во повеќе национални установи, заменик-министерот за култура на Република Македонија, Владимир Лазовски, излезе на увид и ги посети објектите на Драмскиот театар и Музејот на Македонија, а министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, направи увид во Музејот на современата уметност во Скопје. Министерството испрати допис до сите национални установи да направат итен увид во состојбите на нивните објекти и да предложат решенија за ургентна санација и за подолгорочни решенија за состојбите, информираат од Министерството за култура.
Оттаму констатираат дека дури и при дождови што се вообичаени за ова време од годината, културните установи се соочуваат со сериозни последици од долгогодишната негрижа за условите во нив.
„Цел на Владата на Република Македонија и Министерството за култура е таа негрижа да се стопира веднаш и да се преземат итни мерки. Во Драмскиот театар, во соработка со директорот Сашо Тасевски, уште денес ќе се преземат мерки за санација на оваа загрижувачка состојба и за локално санирање на покривот, а во координација со министерот за финансии, Драган Тевдовски, ќе се спроведе ургентна постапка и ќе се алоцираат средства покривот да се санира и да се создадат елементарни услови за работата на Драмскиот театар до тече без никакви пречки.
Владата на Република Македонија и Министерството за култура воопшто не се откажуваат од идејата за изградба на нов објект за овој театар, но ќе инсистираат на подомаќинско и порационално решение, кое нема беспоштедно и непродуктивно да ги троши парите на граѓаните. Драмскиот театар е типична жртва на проектот „Скопје 2014“, преку кој се инвестира во прескапи и мегаломански објекти и споменици, а постојните објекти на културните установи се во очајна состојба“, велат од Министерството.
Додаваат дека загрижувачка состојба, која е последица на долгогодишната негрижа и несанирањето на последиците од минатогодишниот земјотрес и поројните дождови од март годинава, е констатирана и во Музејот на Македонија. Велат дека се потребни посериозни реконструктивни зафати на покривот за кои ќе се обезбедат дополнителни средства од буџетот.
„Музејот на современата уметност – Скопје се соочува со протекување во објектот на повеќе локации, од кои повеќето се ургентни бидејќи веќе имаат предизвикано штета и бараат итна интервенција. Најургентните состојби ќе се санираат веднаш, но и за овој репрезентативен објект се потребни посериозни реконструктивни зафати.
Протекување на покривот и оштетувањата од дождот се предизвикани и во објектот на НУ Театар „Комедија“ во Скопје, Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Центарот за култура „Антон Панов“ – Струмица, Центарот за култура – Дебар, Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, НУ Конзерваторски центар во Гостивар, музејот „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, археолошкиот локалитет Стоби, каде што постои опасност од излевање на Црна Река, како и други објекти од кои по итниот допис на Министерството добиваме постојани известувања“, оценуваат од Министерството.
Додаваат дека ќе продолжат интензивно да ја следат состојбата и во соработка со раководствата да интервенираат веднаш во сите итни ситуации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.