Daily news
Секој трет млад мигрира – Одливот на мозоци стана загрижувачки феномен
Истражувањето во областа на младинските политики, како дел од проектот Градење на следната генерација младински лидери, го претстави Самет Шабани на тема „Ефектот на етичката клима во јавните институции на одливот на младите мозоци од Македонија“.
Според неговото истражување, Македонија се соочува со феноменот на одлив на млади мозоци кој зазема сè поголем замав. Постојаната политичка нестабилност која исто така влијае на економските услови, се чини дека е водечка причина зошто младите го бараат подобриот живот надвор од земјата.
„Со оглед на политиките засновани врз теснопартиски интересни како еден од факторите за предизвикување политичка нестабилност, административните и институционалните тела и всушност бирократијата во целост се исто така обликувани под овие околности. Со ова, ослабената функционалност на јавната администрација се рефлектира и на квалитетот на услугите која таа ги обезбедува на нејзните граѓани“, вели Шабани во првиот дел од презентацијата.
Неговото истражување покажува дека колку што е повисока етичката клима во јавните институции толку граѓаните се задоволни со услугите од нивна страна, а исто така и нивната лојалност кон државата се зацврстува.
„Во последната деценија одливот на млади мозоци стана загрижувачки феномен во Македонија. Според истражувањето на Егзодус, секој трет граѓанин кој завршил високо образование, мигрирал надвор од земјата во периодот од 2010 до 2015 година.
Целовкупното ниво на невработеност, кревката и нестабилна ситуација на пазарот на труд во Македонија беа идентификувани како најважните фактори за високото ниво на одливот на мозоци од Македонија. Етичката клима е важна за мигрираната младина“, вели Самет Шабани, објаснувајќи зошто младите заминуваат од Македонија.
Сепак, и покрај овие факти, резултатите од анкетите на Шабани укажуваат дека јавната администрација во земјата засотанува во напорите за обезбедување подобри услови. Кога младите биле прашани дали незадоволството кон јавната администрација влијаело на нивната одлука да мигрираат, 85% од испитаниците изјавиле дека било важно или до некаде било важно.
„„Политизацијата“ на јавната администрација, невреднувана врз основа на заслуги и труд за време на вработувањето, се чинат важни фактори во барањето подобри стандарди за живеење и можности за кариера во странство. Ова повторно се одразува на моменталното општо незадоволство на младината, дури и на таа што сè уште не мигрирала“, вели студентот Шабани.
Тој упати и препораки до јавните институции да обезбедат напредувања на јавните службеници во работните единици засновани врз објективност, притоа вработувањата за сите заинтересирани граѓани да се засноваат врз искуства и вештини. А, пак, според него, јавните службеници треба да обезбедат поквалитетна услуга која ќе одговори на потребите на граѓаните, да покажат повеќе грижа за услугите потребни на граѓаните, а со тоа и следење на професионалните стандарди.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.