Daily news
Студентски парламент: Претседателот Иванов да стави вето на Законот за јазиците
Од Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ) денеска преку јавно писмо, во кое, како што велат, им се обраќаат на студентите, претставниците во законодавниот дом и на целата македонска јавност, бараат најитно повлекување на Законот за употреба на јазиците.
„Чувствуваме одговорност да упатиме јавно писмо во врска со неодамнешното гласање на Законот за употреба на јазиците бидејќи нашето индиректно право на глас, овозможено преку пратениците како наши претставници, кои би требало да ги штитат нашите интереси, ни е скратено“, истакнуваат од СПУКМ.
Оттаму ги повикуваат народните пратеници да носат закони во согласност со Уставот и додаваат дека владеењето на правото мора да биде главен епитет во работењето, а не, како што велат, шверцерски со знаменце на Европската Унија да се носат антиевропски закони кои ја нарушуваат меѓуетничката хармонија, го суспендираат Уставот и ги рушат основните белези на државата.
Воедно, од Студентскиот парламент на УКИМ истакнуваат дека ги споделуваат и поддржуваат ставовите и аргументите од отвореното писмо до пратениците што го упатија професорките Гордана Слијановска, Катица Ќулафкова и Симона Груевска-Маџовска.
„Овој закон нема врска со евроинтреграцијата на РМ, ниту значи хармонизација со правото на ЕУ. Овој закон не е приоритетен. Овој закон не е дел од Рамковниот договор, ниту е во неговиот дух. Овој закон не е конкретизација на амандманот 5 од Уставот на Република Македонија. Впрочем, правото на едниот завршува онаму каде што започнува правото на другиот. Законот за употреба на македонскиот јазик налага, меѓу другото, и негова заштита“, наведуваат од СПУКМ.
Понатаму, истакнуваат дека во член 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик е утврдено дека: македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење на Републиката и додаваат дека, според нив, Законот за јазиците не е соодветен начин за негување, чување и заштита на посебното културно и историско значење на Републиката.
„Овој закон е противуставен, директно ја нарушува унитарноста на Република Македонија, целосно го суспендира Законот за употреба на македонскиот јазик и најдиректно го урива статусот на македонскиот јазик како основа на меѓусебното разбирање“, велат од СПУКМ.
Оттаму го повикуваат претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во име на неговата функција како претседател на оваа држава, но и како почитуван професор на Правниот факултет на УКИМ, да ги заштити и брани националните интереси и суверенитетот на Република Македонија и да го употреби правото на вето за овој закон.
На крајот, од Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ истакнуваат дека нивното обраќање е резултат на многубројните примени реакции од страна на студентите, кои се обратиле до нив и им се јавиле по повод донесувањето на законот за двојазичност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.