Daily news
Тајната за охридскиот бисер раскажана на филмско платно
Во рамките на фестивалот Охридско лето, во Центарот за култура „Григор Прличев“ синоќа беше премиерно прикажан документарно-играниот филм посветен на традиционалниот охридски бисер.
Преку овој заеднички и уникатен проект на семејствата Филеви и Талеви и на браќата Кумеви, по 89 години се открива тајниот рецепт за изработка на бисерот, уникатниот и надалеку познат украс.
Филмот го опфаќа периодот од 1924 до 1930 година кога познатиот руски емигрант Јован Субановиќ ја открива, односно тајната состојка за изработка на бисерот ја продава на семејството Филеви.
Преку мистериозната приказна за вистинскиот охридски бисер, кој претставува охридски и македонски бренд, филмот не’ враќа назад кон нашите корени низ историјата.
„Растејќи во овој прекрасен град, директно бев инволвиран во работата на овие две семејства, гледав што и како работат тие, но тогаш не бев доволно свесен за вредноста на охридскиот бисер. Тоа е всушност нашиот македонски, охридски бренд, бренд за кој светот би требало да знае. Поради тоа, му благодарам на фестивалот Охридско лето што ни овозможи премиерата на овој филм да биде токму овде, во склоп на овој реномиран фестивал, на овој празник, Илинден, и токму во градот Охрид. Ние и понатаму работиме на овој проект, го подготвуваме за други фестивали како во земјава така и надвор од нашите граници. Ова го работевме за душа, ова е приказна што допира до сите нас и затоа им благодарам на семејствата Талеви и Филеви за можноста да се сними и овековечи нешто што треба да трае со генерации“, вели режисерот на овој проект, Никола Кумев.
Со овој краткометражен филм уште еднаш се прикажуваат и уникатноста, автентичноста и природната убавина на Охрид.
„Во ова дело видовме моменти каде што се опфатени сите генерации на семејствата и визуелно се решивме да ја прикажеме сериозната историја на градот Охрид и преку заедничка кохезија културно да ги афирмираме нашата земја и нашиот град. Бисерите на нашите семејства ги има насекаде и чест ми е што заедно со културната манифестација Охридско лето имавме можност да го промовираме и афирмираме целиот овој проект, историјата на нашите две семејства. Во иднина проектот планираме да го развиеме и да создадеме игран филм, а ни претстојат и некои холивудски соработки“, вели Михајло Филев.
Оригиналниот охридски бисер ги краси грлата на голем број крунисани и некрунисани дами.
„Најсреќен сум што немаше ниту еден негативен коментар од страна на публиката затоа што таа е најдобар критичар. Значењето на Охридско лето е на многу високо ниво и токму поради тоа сметам дека му дава уште поголема вредност како на филмот така и на нашата традиција во изработувањето бисери“, вели Ване Талев.
Минатата година во Охрид беше промовирана монографијата „Охридскиот бисер во фамилиите Филеви и Талеви“. Автори на книгата се Никола Митровиќ – Бабе, доктор по историски науки, и Оливера Мишева, етнолог. Иницијативата за овој книжевен запис беше на Михајло Филев, еден од чуварите на оригиналниот охридски бисер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.