Daily news
Христијан Мицкоски иден лидер на ВМРО-ДПМНЕ?!
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е човекот за кој во јавноста најмногу се зборува дека ќе биде идниот наследник на Никола Груевски.
Дека Мицкоски е во блиска релација со Груевски, говори и последниот негов потег кога по локалните избори се откажа од советничкото место во Град Скопје со образложение дека целосно ќе се посвети на партиските активности. Инаку, во Советот на Град Скопје опозициската ВМРО-ДПМНЕ изгуби на локалните избори.
„Почитувани браќа и сестри, дозволете ми да ве информирам дека денес се повлекувам од местото советник во Град Скопје. Ми беше чест и задоволство што ја предводев градската листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За подобра Македонија’“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук-профил.
Мицкоски е прв од најблиското опкружување на Груевски кој отворено во јавноста проговори кои карактеристики треба да ги има еден партиски лидер доколку Груевски го напушти кормилото на ВМРО-ДПМНЕ.
„Првиот столб е да биде лик што ќе биде прифатен од базата, вториот е да има позитивна перцепција во јавноста и третиот елемент е да биде прифатен од меѓународната заедница. Кој ќе ги исполнува или приближно ќе ги исполни овие три пилари, ќе биде идниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ доколку Никола Груевски замине од првата позиција“, изјави Мицкоски.
Медиумите и експертите ова негова изјава ја протолкуваа дека токму тој би бил човекот што би го заменил Груевски.
Мицкоски како студент бил активист на ЛДП
Малку познати факти за пошироката јавност се дека во 1999 година Мицкоски бил кандидат на Либерал-демократската партија за претседател на ССУКМ и жесток противник на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Ова информација беше изнесена од дел од незадоволните членови на партијата кога во јули тој беше избран за генерален секретар на партијата заедно со новиот Извршен комитет.
Дел од членството тогаш обвини и дека Мицкоски немал членска книшка на ВМРО-ДПМНЕ сè до 2010 година. Во неговата партиска биографија нема информација од кога Мицкоски е член на партијата, но таму стои дека повеќето од партиските активности му се во последните пет години.
Покрај функцијата генерален секретар, Мицкоски е и претседател на кадровата комисија во партијата, а во периодот од 2010 до 2012 бил претседател на Комисијата за енергетика. Бил дел од републичките изборни штабови во 2008, 2011, 2014 и во 2016 година. Во партиското портфолио пишува и дека бил член на конгресот во 2003 година кога Никола Груевски доаѓа на чело на ВМРО-ДПМНЕ, а во исто својство присуствувал и на последниот во мај 2015 година.
За партиска заслуга високоплатена позиција
На функцијата генерален секретар во партијата Мицкоски доаѓа од високоплатена позиција, генерален директор на АД ЕЛЕМ. Во исто време и претседател на Управниот одбор во ЕЛЕМ, а овие функции ги извршува во 2016 година. Подоцна Мицкоски беше назначен за советник на тогашниот технички премиер Емил Димитриев. Претходно, бил вонреден професор на Машинскиот факултет, каде што дипломирал и завршил магистерски и докторски студии.
Неговиот професионален и партиски напредок луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ го поврзуваа токму за близината со Груевски. Во круговите блиски до сегашното раководство се зборува дека и таткото на Мицкоски бил близок со доскорешниот прв човек на партијата.
Инаку, Мицкоски има 40 години, оженет е и татко на две деца.
Г.Д.М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.