Филм
Сѐ е подготвено за гала отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ го најавува почетокот на 37. издание, закажано за сабота, во 20 часот, во Центарот за култура во Битола, со македонската премиера на филмот „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија и на Данило Шербеџија.
Се работи за македонско-хрватско-финска копродукција. На утрешната свеченост на отварањето на црвениот килим организаторите очекуваат да биде легендарниот Раде Шербеџија, харизматичните Луција Шербеџија и Силвија Стојановска, актерите Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула, Аксел Мехмед.А во Битола, на црвениот килим ќе прошета и младиот талент, 11-годишниот Давид Тодосовски, кој дебитира во главна улога во овој филм.Сценариото е на Душан Јовановиќ и на Раде Шербеџија. Режисерот и косценарист Шербеџија играше и во праизведбата на текстот за истоимената драмска претстава во Загреб во 70-тите години на минатиот век. Асистент на режија е неговиот син Данило Шербеџија. Јовановиќ ќе и’ се придружи на екипата на филмот во Битола, а доаѓа и финскиот копродуцент Арто Халонен. „Филмот „Ослободување на Скопје“ е мој сон. Тоа е најдобро напишан драмски текст на просторот на некогашна Југославија, чиј автор е Душан Јовановиќ, а во која и јас играв. Со неа имавме голем успех низ целата земја. Едноставно, приказната е фантастична. Цело време размислував, додека живеев во САД, како да направиме филм од таа претстава, која имаше успех и во светот. Тоа е неверојатна приказна за Македонија, за менталитетот, за музиката, карактерите на луѓето, за љубовта“, вели Шербеџија, кој сценариото за филмот го напишал пред девет години.Главниот лик во оваа приказна е Зоран, осумгодишно момче и низ неговите очи се прикажуваат суровите сцени на војната, сликите на сиромаштијата и страдањата за време на окупираното Скопје. Таткото на Зоран е заминат во партизани, истовремено се случува љубовна драма помеѓу мајката на момчето и еден германски офицер…Директор на фотографија е Дејан Димески, Влатко Стефановски е автор на музиката за филмот. Монтажа – Николас Гастер, Дизајн на продукција – Иван Бартлинг, Костимографија – Жељка Франуловиќ.Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола. Продуцентски куќи: „Партизанс“, „Lijeni film“, „Art Flms Production“, „MP filmska produkcija“. Копродуценти: „Кино око“, F&MЕ, YLE. На свеченото отворање на фестивалот, на Оскаровецот Џон Сил ќе му биде врачена Златна Камера 300 за животно дело, а писмо од Роби Милер, ќе прочита Клер Пијман, негова соработничка и авторка на документарен филм за него. На Милер, кој не може да пристигне во Битола од здравствени причини, Златната камера 300 за животно дело, директорот Благоја Куновски и Гена Теодосиевска, уметничкиот директор на фестивалот, му ја врачија во Амстердам на отворањето на големата ретроспективна изложба посветена на неговата работа. Оскаровецот Џон Сил денеска ќе биде во Битола. Австралискиот и светски познат кинематографер, кој годинава е главна ѕвезда на фестивалот „Браќа Манаки“, во Македонија пристигна пред официјалното отворање и времето го искористи да отиде и до Св. Пантелејмон, тој заинтересирано слушаше за историјата на оваа древно културно богатство, а беше воодушевен од Страта чаршија. Сил заедно со неговата сопруга Луиз се љубопитни да дознаат за историското наследство и културните богатства на Македонија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лена и Владимир“ награден на Julien Dubuque International Film Festival
13. издание на Меѓународниот филмски фестивал Julien Dubuque (JDIFF) ги објави своите победници, a „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, ја однесе дома главната награда за најдобар долгометражен игран филм.
На фестивалот, кој се одржа од 24-28 април во Дубјук, Ајова, беа прикажани преку 150 филмови од целиот свет, вклучително и 31 долгометражен филм во конкуренција, а филмот „Лена и Владимир“ на фестивалот го промовираа актерот Тони Наумовски и режисерот Игор Алексов.
„Лена и Владимир“ е приказна за двајца бегалци од општеството кои доживеале огромна трагедија, а чии патишта случајно се вкрстуваат. Тие наоѓаат утеха и поврзаност, формирајќи врска што им носи исцелување. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).
Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Kирил Коруновски. Сценариото е на Александар Русјаков. Продуценти се Дејан Илиев (ДМФ Филм) и Илија Циривири (МИНД Продукција). Кинематографер е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Зафирковски, а монтажер е Мартин Иванов, Музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез, костимограф е Раде Василев, дизајнер на маска е Горан Игњатовски, а кастинг директор е Катерина Грубач.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.