МАКФАКС

Заклучувале и криеле мигранти во прифатниот центар Гази Баба

Заклучувале и криеле мигранти во прифатниот центар Гази Баба
07.04.2017, 14:17

 

Петмина мигранти од Сирија биле противправно задржани, открил тим на Народниот правобранител при посета на прифатниот центар на „Гази Баба“.

 

„Забележавме противправно задржување на лица во прифатниот центар, без притоа, истите да бидат евидентирани како присутни, без да им бидат издадени документи за задржување, а немало ниту законска постапка во врска со задржувањето“ вели Снежана Теодосиевска Јордановска, координатор за национален превентивен механизам на Народниот правобранител.

 

Сиријците кои транзитирале низ Македонија до Грција биле затекнати на Железничката станица во Скопје со купени автобуски билети за Гевгелија. Четворица од овие лица, поседувале идентификација за потврда на идентитетот и документи со кои се потврдува нивниот влез од Грција. Според Народиот правобранител, тие лица биле пресретнати од службени лица на МВР и спроведени во прифатниот центар за странци каде биле заклучени во просторија, постапка која ги повредила нивните човекови права.

 

„Не им било објаснето зошто е преземен таков чекор, како што не им ги кажале нивните права, не им бил обезбеден преведувач, а останале заклучени во просторија каде пристап немал никој од службените лица, без храна“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

 

Според Народниот правобранител, ваквиот начин на постапување на службените лица и управителот на центарот претставува свесно и грубо прекршување на законската регулатива, а истото укажувало дека ова било постојана пракса и не евидентирање на задржани лица во центарот.

 

„Ние сме загрижени бидејќи управителот и службените лица се обидоа да го прикријат ваквото незаконито работење со создавање на лажни информации. Кога беа запрашани колкав е бројот на мигранти кои што престојуваат во центарот, тие дадоа информација дека има само две лица, а пак овие пет лица воопшто не беа пријавени како присутни“, вели координаторот на националниот превентивен механизам.

 

Според кажувањата на Теодосиевска, управителот се обидел да го спречи тимот на Народниот правобранител да изврши увид токму во просториите каде лицата биле скриени. Управителот Петар Саревски ја прекршил законската регулатива и постапил спротивно на неговите овластувања упатил, притоа директно му се заканил тимот на НПМ со што им дал до знаење дека во иднина нема да биде дозволен влез во центарот на службените лица од оваа структура на Народниот правобранител.

 

„Лицата во центарот се задржуваат по основ на утврдување на идентитет, а за такво решение може да издаде само надлежен суд. А пак, до ден денеска, во центарот се задржуваат со решение издадено од страна на МВР. Во случајов, ние извршивме разговор со тие пет лица. Ни кажаа дека биле преместувани од просторија во просторија за да не бидат пронајдени од наша страна. По инсистирањето на правобранителот и по укажување на нивното незаконито работење, управителот со усна наредба ги ослободи овие лица, без притоа воопшто истото да биде писмено документирано. Ова го знаеме бидејќи нашиот тим изврши увид во регистарот на дневни настани“, додава Теодосиевска

 

Со ваквото постапување на управителот на прифатниот центар „Гази Баба“, го прекршил Законот за странци, велат од Канцеларијата на омбудсманот.

 

За случувањата во прифатниот центар „Гази Баба“, правобранителот ги известил институциите уште во 2011 година. Единствената позитивна точка, според извршениот мониторинг, е подобрувањето на материјалните услови, иако објектот е наменет за градинка. Во центарот, најмногу лица престојувале во 2015 година. /крај/мф/кл

 

 

 

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *