Daily news
Заев: Парламентарното мнозинство има право и обрвска да ја преземе контролата врз Парламентот
Посетата на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск треба да донесе прецизни укажувања од ЕУ за излезот и решенијата на политичката криза, смета лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Секако ќе ги слушнеме изјавите на господинот Туск после посетата на господинот Иванов, верувам дека тоа ќе биде во ист дух и иста конотација на она што го слушаме од целиот демократски свет, сиве овие денови и месеци наназад, а тоа е мирен и брз трансфер на власта, предавање на власта, почитување на Уставот на Република Македонија, почитување на декларираното и оформено мнозинство. Согласно тоа, гледате дека позади нас е една цела седмица, кадешто со сите будалаштини, малцинството се изживува и врши терор врз декларирано и оформено мнозинство во Собранието на Република Македонија. И ај тоа што го прави, ова изживување и терор го прави и врз граѓаните преку камерите коишто очекуваат конечно демократските процеси да се придвижат. А тоа е да се избере претседател на Собранието, да се избере Влада и пополека да се движат процесите во интерес на сите граѓани на Р.Македонија“, рече Заев.
„Може да остане мнозинството толерантно, може да биде таму присутно и да даде секакво право на дискусија. Дискусијата по Деловник постои, но таа мора да биде дефинирана онака како што е опишана во членот 90 од Деловникот, а тоа е говорникот да говори за точката на дневен ред и репликите да бидат согласно членот 89, значи нека има реплики, но репликите мора да бидат за да се отстрани некој неточен наод или да се даде на самиот наод забелешка во однос на тоа дека одреден пратеник не се согласува со само дадениот наод. Тоа е прецизно како бел ден. Оттука треба да знае малцинството,а пред се претседавачот на Собранието дека оформеното и декларирано парламентарно мнозинство има право и обврска да ја преземе контролата врз Парламентот преку бирање на претседател на Парламентот од своите редови и преку тоа да ја превземе одговорноста за водењето на Парламентот. Парламентарното мнозинство нема да дозволи ова да се развлекува до бескрај, ќе си ги исполни своите уставни права и обврски“, додаде лидерот на СДСМ.
Заев изјави дека во поглед на дебатата во Собранието, парламентарното мнозинство ќе настојува според сите можни алтернативи кои се предвидени преку Уставот, законите и Деловникот да преземе контрола врз водењето на седницата.
Запрашан околу Манифестот којшто ВМРО-ДПМНЕ го објави до неделата и со кој се предвидува излез од политичката криза, Заев одговори дека според него станува збор за „куп изговори за да се развлече процесот“.
„Ова се само куп на изговори за да се развлекува процесот. Процесот мора да биде дозволен да се движи според описот во Уставот, по законите и по Деловникот во Собранието, а тоа значи да се заврши примопредавање на власта. Чекорите се јасни, се бира претседател на Собранието, Собранието закажува седница да бира Влада со декларирано мнозинство и понатаму се е дозволиво да биде предложено од било кој политички субјект па дури и од некој граѓанин на оваа наша земја. За `се може да се дебатира, но да се изнаоѓаат вакви банални причини со било какви претпоставени непостоечки закани врз нашата Македонија дека ние тоа сега треба нешто да штитиме, дека секој момент нас некој ќе не нападне или нешто ќе ни одземе, навистина овие лаги повеќе не поминуваат ниту кај нив самите. Конечно крајно време е да се придвижат процесите. Тоа го очекуваат граѓаните и првиот чекор е избор на претседател на Собранието на Р.Македонија“, рече Заев./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.