Македонија
Адеми: Студентите ќе бидат повикани на разговор кога ќе има конечен предлог
Студентскиот пленум ќе биде повикан на разговор во владата откако ќе биде изработен конечниот предлог за државниот испит, изјави во четврток министерот за образование Абдулаќим Адеми.
Тој, коментирајќи го студентскиот протест во средата, рече дека „секој има право да протестира“, но смета дека сè уште не е дојдено времето студентите да бидат вклучени во дебатата за новиот начин на тестирање во високото образование.„Тоа што го кажавме претходно, кога ќе излеземе со поконкретен предлог, ќе ги повикаме сите во дебата да се вклучат и во тој период да даваат нивни размислувања, сè со цел да најдеме заедничко решение, кое во иднина ќе биде имплементирано токму од засегнатите страни. Досега не сум одржал никаков состанок околу државниот испит, затоа што сè уште не сме го презентирале јавно предлогот за државниот испит, кога ќе го презентираме сите ќе бидат вклучени во дебата, вклучувајќи ги тука и студентите“, изјави Адеми.Тој вели дека не е точно дека министерството ќе ги избира оценувачите и дека во јавноста се шпекулира дека автономијата на универзитетите ќе биде загрозена со воведувањето на државниот испит.„Тука е проблемот што сè уште без да биде конечното решение презентирано, во јавноста повеќе се шпекулира. Меѓутоа не треба да се реагира на шпекулации, треба да се реагира на конкретен предлог, не е точно дека министерството ќе ги избира оценувачите, тоа ќе биде надлежност на одборот за акредитација, одборот ќе биде избран од владата, меѓутоа по предлог на универзитетите“, рече Адеми.Адеми посочи дека предлогот за државниот испит кој е доставен до Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е по барање на ректорот на оваа високо образовна институција.„Предлогот што го доставив до ректорот на УКИМ е по нивно барање и таму се на некој начин опишани околу 90 отсто од државниот испит, меѓутоа затоа што сè уште немаме конечна одлука на влада, јас не можев истиот предлог да го споделам и со другите, тоа беше по писмено барања на ректорот и јас одговорив на неговото барање“, додаде Адеми.Студентите во средата доставија барање до Владата за повлекување на предлогот за државен испит. Изјавија дека и тие сакаат реформи во образованието, но не „експериментални“ и побараа и тие да бидат вклучени во новите реформи во образованието./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Џафери за Велигден: Обединети да продолжиме и да осигураме благосостојба денес и за идните поколенија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во име на Владата на Република Северна Македонија и во свое име, испрати телеграма со честитки за најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски Синод, свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, до православните верници и до сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.
„Задоволство ми е во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, Вам, на Светиот архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на православните верници и на сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.
Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Заедничкото добро, е благословена човекова определба, и тоа може да се постигне само ако се почитуваат основните постулати на кои упатуваат бројните примери низ историјата. Особено во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба, потребни се повеќе од кога било пораките на надеж, единство и верба во тоа заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит.
Вашата улога има голема одговорност и јас Ви посакувам мудрост во исполнувањето на благородната мисија. Ви пожелувам празникот да го поминете во добро здравје, спокој во душата и среќа меѓу саканите, а со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Северна Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија“, стои во честитката од премиерот Џафери до поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.
Македонија
Мојсоска од Крушево: Апел до сите пратеници да се откажат од патните трошоци по примерот на Левица
Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, денес во Крушево при отворањето на 50-тата канцеларија на Левица, порача:
,,Нашата кампања на овој револуционерен ден ја заокружуваме тука во револуционерно Крушево. На изборите на 8 мај очекуваме поголема излезност. Очекуваме да се зададе последниот удар на социјалдемократите како најантимакедонска багра со која се соочила државата”.
Мојсоска истакна и одредени проекти и мерки од Изборната програма, посочувајќи дека нивната програма, за разлика од другите партии, има екстензивна платформа за работничките права.
– На овие избори настапуваме со мерки за зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, а Левица е единствена партија која предвидува т.н. татково отсуство. Предвидуваме и редефинирање на дејностите кои се трудово – интензивни со бенефициран стаж, како на пример: градежните работници. Предвидуваме и утврдување на минималната плата на две третини од синдикалната кошничка, истакна Мојсоска.
Носителот на ИЕ5, Јована Мојсоска, упати апел до пратениците да се откажат од патните трошоци и да се солидаризираат со обичниот народ.
– Левица е единствена партија која се залага за укинување на патните трошоци, за укинување на привилегиите на функционерите. Нашите пратеници во изминатиот мандат имаа 0 денари патни трошоци, така ќе биде и во наредниот мандат. Упатувам апел до сите пратеници – во услови кога во Македонија во која, речиси, 500 000 жители живеат на работ на сиромаштијата, ги повикувам пратениците да се откажат од своите патни трошоци, рече Мојсоска.
Македонија
Апасиев: Македонската платформа е единствениот спас од опасноста за федерализација на државата
Мотивацијата по првиот круг од претседателските избори е зголемена, соопшти претседателот на Левица и Носител на ИЕ1, Димитар Апасиев.
,,Мотивацијата е зголемена, затоа што ова беше наше огнено крштевање – првпат имавме претседателски кандидат и тоа е одлично искуство. Партијата продолжува напред. Отворивме над триесетина канцеларии во меѓувреме, во овие две последни години, така што мотивацијата е најмалку да го дуплираме скорот којшто го донесе професорката Ванковска”, вели претседателот на Левица, Апасиев.
Левица очекува поголем број пратеници на Парламентарните избори, за да може уште посилно да се бори против штетните политики и да ги застапува интересите на граѓаните, остварувајќи ја својата изборна програма.
,,Поголем број пратеници од Левица во Собрание би значело брана против сите штетни политики на косоваризација и бугаризација на државата. Ние со два пратеника успеавме да спречиме многу штетни политики: успеавме да спречиме етничка припадност во лични карти, приватизација на Брза помош, ги намаливме цените на болниците во време на ковид-криза, така што кога со двајца тоа го постигнавме, можете да замислите со 8 – 12 пратеници!”
Оттука Апасиев порача дека гласот даден за Левица не е фрлен глас.
,,Гласот за Левица е глас даден за една искрена, чиста опција којашто е единствена на левата политичка сцена. Бидејќи сега се остварува нашата прогноза за пасокизација на СДС, гласот за Левица е глас насочен кон правата левичарска опција во Македонија.”
Левица има најрадикална – во смисла на добра радикална политичка програма.
,,Ние предвидуваме шестчасовно работно време, затоа што тоа ќе ја зголеми продуктивноста. Понатаму – двосменска администрација, а имаме најголема антикорупциска платформа и, да не ја заборавиме, Македонската платформа како основа за преговарање за секоја идна влада – тоа значи запирање на уцените кои постојано, од година во година, доаѓаат од страна на необалистичките партии на албанското малцинство”, додава Апасиев.
За Македонската платформа, Левица зборува веќе 2 години.
,,Македонската платформа е искрена Платформа, којашто ние ја вергламе веќе две години наназад и мислиме дека тоа е единствениот спас од опасноста на федерализација на државата, така што очекуваме во текот на преговорите, постизборно, сите македонски или промакедонски партии да ја прифатат оваа Платформа, бидејќи е едноставна – во пет точки и не бара ништо што е надвор од Уставот”, истакнува Апасиев за единствената промакедонска платформа во Македонија, предложена, искреирана и иницирана од Левица.