Надворешна политика
Величковски: Културата на промени и флексибилност е важна за трансформирањето на војската
Армијата на Република Македонија за првпат со свои претставници, на покана од организатор рамноправно и под уставното име учествува на ваков вид специјализирана светска манифестација, како што е самитот на оклопни возила кој се одржува во Лондон во период од 23-ти до 26-ти јануари, соопштуваат од АРМ.
Во текот нa првиот главен ден на самитот, на панел-дискусијата на тема „Предизвици со кои се соочуваат командантите на копнените сили“ обраќање имаше началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, кој се осврна на согледувањата од неопходноста на прилагодување на концептот на дејствување на вооружените сили соодветно на сите постоечки форми на закани, чија цел пред се е уништување на воените, политичките и економските цели, преку ерозија на политичкиот систем, без директно ангажирање на непријателските сили во конвенционален напад.
Тој меѓу другото истакна дека и покрај постоечката култура на намалување на воените буџети во корист на зголемување на социјалните трошоци, Армиите, како инструмент на националната моќ треба да се прилагодат кон овој нов начин на размислување, односно да ја покажат подготвеноста на воената мудрост за прифаќање на промените.
„Способноста за прилагодување на нашата нова безбедносна средина ќе биде од клучно значење, бидејќи светот е сѐ повеќе меѓусебно зависен и бројот и карактерот на заканите се сѐ побројни и посложени; а некои закани дури ги преминуваат националните граници и претставуваат предизвик за благосостојбата на човештвото како целина. Култура на промени, флексибилност и адаптибилност е поважна за трансформирање на војската, од иновациите“ е дел од говорот кој предизвика голем интерес и дискусии.
На оваа панел-дискусија се обратиja и командантот на копнените сили на армијата на Обединетото Кралство, како и командантот на југо-источната мултинационална дивизија на НАТО. На 17-тиот по ред самит учествуваат околу 500-тини еминентни стручни претставници на владини, армиски и производствени организации од оваа област, а на останатите панел-дискусии ќе се обратат и командантите на маринскиот корпус и командата за обука и доктрини на армијата на САД, на копнените сили на вооружените сили на Италија, и други високи воени раководители од повеќе армии.
Самитот како најголем годишен состанок од оваа област во светски рамки, претставува единствена можност, особено за помалите армии како Армијата на Република Македонија за споделување на стекнати знаења, идеи и искуства од воената област, но и стекнување на меѓусебни корисни конекции и афирмирање на ставовите, можностите и активностите на своите земји и армии.
Помеѓу останатите средби во првиот ден од самитот, генералот Величковски оствари средба и со генерал Мајкл Дуби, поранешен командант на националната гарда на Вермонт, САД со која Армијата на Република Македонија има партнерски релации.
Во следните два дена посетителите ќе имаат можност да ги проследат и да се запознаат со последните иновативни достигнувања во оваа важна копнена компонента во Армиските структури./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.