Македонија
Очевидци ги пријавиле крадците на мајмунот во Зоолошка
Совесни посетители очевидци ги пријавиле двајцата кавадарчани кои во понеделникот попладне украдоа мајмун павијан од Зоолошката градина во Скопје.
Од Зоолошката соопштуваат дека мајмунчето со име Лука е во добра здравствена состојба и е сместен во внатрешното живеалиште заедно со своето помало братче. „Голема благодарност до совесните посетители, очевидци на настанот, што помогнаа многу брзо по пријавувањето во Министерството за внатрешни работи, со брза и професионална акција, Лука да е пронајден и вратен на вработените во Градината. Во оваа прилика упатуваме огромна благодарност и до МВР“, се вели во соопштението до јавноста од Зоолошката градина.Мајмунчето било старо 1,5 година, а крадците го украле низ исечен отвор на мрежата од надворешното живеалиште, ја прескокнале заклучената капија од градината и избегале. Полицијата ги идентификуваше и мајмунчето беше вратено во Зоолошката во Скопје./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ
27 април е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ, велат од СДСМ.
„Вооружени насилници на 27 април 2017 година, поттикнати од ДПМНЕ, упаднаа во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во парламентот, да го загрозат уставниот поредок, ја доведоа државата пред амбис, на раб на граѓанска војна. Сеќавањата на крвавите лица на пратениците, нападнати со шипки и столици, влечењето за коса, дивеењето на насилниците, кои кршеа и уништуваа се пред себе во храмот на демократијата, се свежи и по седум години. Насилниците поддршка имаа и од Христијан Мицкоски, кој тој ден беше пред македонското собрание. Наместо извинување и осуда, Мицкоски стои во одбрана на осудените насилници за крвавиот четврток“, пишуваат од партијата.
„Ништо не е сменето во ДПМНЕ. Тоа е истата партија која сака одново да гази врз слободата, врз демократијата, да се пресметува со неистомисленици, да шири омраза и поделба меѓу граѓаните. СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори. Со глас за СДСМ и Коалицијата на 8 мај граѓаните гласаат за слобода, демократија и европски вредности“, се вели во соопштението на СДСМ.
Сервисни информации
Сончево со мала до умерена облачност, од пладневните часови со услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд
Времето денеска, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на грмежи. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и во делови од регионот со услови за краткотарен пороен дожд. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степен.
Од недела следува период на стабилно и топло време, а дневните температури ќе бидат повисоки за 3 до 5 степени.
Македонија
Николоски: На 8 мај потребна е масовна референдумска излезност за влада на ВМРО-ДПМНЕ која нема да е уценувана од никого, за СДСМ и ДУИ во опозиција
„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. Наместо да одговара прашања, плаќаше ботови по социјални мрежи лично да ме навредуваат мене и моето семејство, народот му кажа што мисли за тоа. Но, морам да го прашам уште нешто затоа што се работи за злоупотреба на државни пари“, истакна носителот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4 Александар Николоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кавадарци.
Тој продолжи и додаде: „Пендаровски до денес не одговори дали ќе ги користи или нема да ги користи привилегиите кои ги следуваат поранешните претседатели, еднаш невешто одговори дека за тоа ќе се изјаснел во 2029 година, ама очигледно ќе треба да се изјасни на 12 мај затоа што тогаш и официјално му завршува мандатот, тоа е четири дена после изборите и мислам дека е чесно и кога ќе дојде тука во Кавадарци да каже дали ќе е пензионер со најголема пензија во Македонија и поранешен претседател кој најдолго ќе ги користи народните пари. А во меѓувреме е фер да каже уште вечерва ако може дали е вистина или не од пусти мерак за претседателствувања ама и за користење на привилегии дека побарал да му се отвори вилата во Охрид и ќе седел следни пет дена таму да искористи уште некој ден покрај охридското езеро, дали е вистина ова Стево Пендаровски и дали е вистина дека со цело друштво одиш таму да поседите уште некој ден на државен трошок, одговори пред граѓаните“, истакна Николоски.
Рече дека на 8 мај треба уште помасовно да се излезе, во уште поголем број и разликата во Кавадарци да е уште поголема и додаде дека е потребна масовна референдумска излезност на 8 мај за влада која нема да е уценувана од никого, за СДСМ во опозиција, за ДУИ во опозиција.
„Ве повикувам да ја прочитате нашата програма Платформа 1198, тие не размислуваа на проекти и не реализираа проекти, затоа ние ќе реализираме. Ќе реализираме и експресен пат од Кавадарци до Неготино и спојување на Кавадарци со автопатот. Ќе реализираме и отворање на граничен премин со Грција како би станало многу блиску да се патува помеѓу Кавадарци и Воден и да се спојат овие два дела на географска Македонија. Ќе ги помагаме земјоделците, за лозарите достоинствени цени за виното и рестартирање на Повардарие како би се срушил монополот во откупот на грозје и производството на вино подостоинствен живот за сите, повеќе субвенции и повеќе ред за сите. Затоа на 8 мај масовно да излезете“, дециден е Николоски.