Скопје
Воведена електронска наплата во автобусите на ЈСП
Проектотот за воведување Систем за автоматска локација на возила и систем за електронска наплата во автобусите на јавниот градски превоз претставен е во вторникот во Скопје.
На настаното присуствуваа скопскиот градоначалник, Коце Трајановски, директорот на Јавното сообраќајно претпријатие –Скопје (ЈСП), Игор Јанушев, и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
„Со воведувањето на овој револуционерен Системот за автоматска локација на возилата и електронска наплата Градот Скопје и неговите граѓани ќе добијат побрз и поквалитетен градски превоз. Системот овозможува од контролен центар да се следат автобусите во реално време, дали се запазуваат пропишаните возни редови, односно за секој автобус ќе има една линија на која ќе се следи неговото движење, како и да се добие реална слика за бројот на патниците по категории. Системот, исто така, дава можност за воведување нов тарифен систем и нови типови на билети, односно два типа на картички, преносливи и картички со фотографија“, рече Трајановски.
Во прво време системот ќе почне да функционира согласно со постојниот тарифен систем, но во иднина постепено ќе се премине на нов тарифен систем.
Системот за автоматска локација и електорнскиот систем за наплата ќе биде инсталиран во 500 автобуси, од кои 380 автобуси на ЈСП- Скопје, а 120 на приватни превозници, и граѓаните ќе можат еден билет да користат за возење во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП.
На автобуските стојалишта ќе има над 50 информациони дисплеи за пристигнување на автобусите, испраќање SMS порака преку која патникот ќе добива информација за неколку следни пристигнувања на автобус на бараната линија, преку веб апликација на која покрај времето на пристигнување на одреден автобус на одредена постојка, ќе биде на располагање и т.н. планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу 2 места во Градот со користење на јавниот превоз.
„Средствата од продажбата на автоматските билети ќе ги добива Градот Скопје, а на превозниците Градот ќе им префрла средства по поминат километар. Имплементацијата ја врши конзорциумот од Македонски телеком, Маргенто од Словенија и ИКОМ од Бугарија. За реализација на овој проект Градот Скопје ќе издвои околу 3 милиони евра, а се очекува Системот пробно да почне да функционира во месец август во автобусите на ЈСП, а во приватните автобуси од 1 јанури 2016 година. Се надеваме дека со воведувањето на овој современ систем ќе имаме целосна контрола на редот на возење на автобусите и на граѓаните ќе им овозможиме побрз и поквалитетен превоз“, рече Трајановски.
Директорот ЈСП Јанушев, потенцираше дека на граѓаните им се нудат два типа на картички: Скопска (пренослива картичка без фотографија) и Моја Скопска ( сопствена картичка со фотографија).
Тој истакна дека граѓаните ќе можат овие картички да ги набават од осум центри: Бит-пазар, Центар, Порта Влае, Аеродром, Карпош 2 и дирекција на ЈСП (Шумарски факултет и Транспортен центар), ќе имаат на располагање 60 локации за дополнување на картичките, а ќе се постават и 3 самостојни автомати за дополнување на картичките.
Министерот за информатичко општество и администрација, Ивановски, изјави дека со воведувањето на оваа смарт картичка, која ќе содржи заштитен чип кој ја прави безбедна за користење, Градот Скопје е чекор поблиску да стандардите на паметен град како и светските метрополи. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје в сабота
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните на Скопје дека на 04.05.2024 (сабота), поради одржување на манифестација по повод годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје по потреба ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, односно по потреба за сообраќај ќе биде затворена улицата „Самоилова“ на потегот од улицата „Иљо Војвода“ (виадукт Самоилова) до крстосница со улицата „Прохор Пчински“.
Министерството за внатрешни работи, исто така, ги известува граѓаните на Скопје дека на 04.05.2024 (сабота), Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
На 04.05.2024 во периодот од 18.00 часот до завршување на манифестацијата по повод верскиот празник Воскресение Христово Велигден, во центарот на градот по потреба за сообраќај ќе бидат затворени: 1. Бул.„Партизански одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”. 2. Бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски”. 3. На возилата од јавниот градски превоз, кои поминуваат преку мостот „Гоце Делчев”, по потреба ќе им се менува трасата на движење, при што ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите кои што поминуваат преку Центар ќе се движат по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов”, по што преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”.
Во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници. Во општина Ѓорче Петров, по потреба, за сообраќај ќе се затвора ул.„Македонска војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосница со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром, по потреба, за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон село Лисиче. Исто така, по потреба за сообраќај ќе бидат затворани и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти. Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните.
Скопје
100 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 100 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 14 санкции, 12 мерки за користење мобилен телефон при возење, пет санкции за некористење сигурносен појас…“, велат од МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Скопје
Нема да се наплаќа паркирањето во Центар за време на Велигденските празници, извести ПОЦ
Паркирањето во oпштина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. На 03.05.(петок), 05.05. (недела) и 06.05.2024 година (понеделник) граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар, извести ПОЦ.
Согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, 04.05.2024 година (сабота) е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе работат со вообичаено работно време.
Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи на 07.05.2024 година (вторник) со вообичаено работно време, се додава во соопштението на ПОЦ.