Македонија
Во четврток во Охрид конференција на началниците на ГШ од земјите членки на А5
Во четврток во Охрид ќе се одржи деветнаесеттата Конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5).
Покрај началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски како домаќин, на конференцијата ќе учествуваат: командантот на Сојузничката команда на НАТО во Неапол и претставник на САД, адмирал Марк Фергусон, НГШ на вооружените сили (ВС) на Албанија генерал-мајор Јероним Базо, НГШ на ВС на Босна и Херцеговина генерал-потполковник Анто Јелеч, заменикот на НГШ на ВС на Хрватска генерал-потполковник Драгутин Репинец и НГШ на ВС на Црна Гора адмирал Драган Самарџиќ. Како набљудувач ќе присуствува НГШ на ВС на Словенија генерал-мајор Андреј Остерман.
Во улога на гости ќе присуствуваат командантот на Косовските безбедносни сили генерал-потполковник Рахман Рама и командантите на националните гарди (НГ) од сојузните држави на САД, партнери на земјите од А5 и тоа: заменикот на командантот на НГ на Њу Џерси бригаден генерал Стивен Ферари, претставникот на НГ на Мериленд полковник Шон Кејси, командантот на НГ на Минесота генерал-мајор Ричард Неш, командантот на НГ на Вермонт Стивен Креј, командантот на НГ на Мејн бригаден генерал Џерард Болдук и командантот на НГ на Ајова генерал-мајор Тимоти Ор.
Конференцијата се очекува да ја отвори претседателот на Република Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Ѓорге Иванов, кој ќе има свое обраќање до учесниците. Главна тема на деветнаесеттата Конференција на НГШ на армиите од земјите членки на А5 ќе биде „Здружени напори во постигнување на НАТО партнерските цели и способности на силите“.
Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба, официјално е потпишан во 2003 година, со кој покрај САД како покровител, Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната.
Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а средбите во формат на началници на генералштабови на армиите се одржуваат еднаш годишно, на кои се разгледуваат прашања од областа на военото образование, воено-техничката соработка, операциите за поддршка на мирот и други актуелни теми од областа на одбраната и безбедноста./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во работна посета на Австралија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во периодот од 6 до 13 февруари 2025 година ќе престојува во работна посета на Австралија, што претставува прва посета на македонски министер за надворешни работи по пауза од 15 години.
Во рамки на интензивната политичка агенда, планирана е средба со министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг (Penny Wong), на која ќе бидат потврдени добрите и пријателски билатерални односи, како и можностите за нивно натамошно продлабочување, особено на економски план. На средбата се очекува и размена на мислења за актуелните меѓународни прашања.
Покрај политичките средби, агендата на министерот вклучува активности за економска промоција на земјата, како и бројни средби со истакнати стопанственици и претставници на бизнис-секторот. Во рамките на посетата, министерот Муцунски ќе оствари и средби со македонски и австралиски бизнисмени, како и со членови на Групата за пријателство со нашата земја во Парламентот на Австралија.
Во фокусот на посетата ќе биде и средба со претставници на македонската дијаспора во Австралија. Министерот ќе даде и интервју за државното SBS радио на македонски јазик, во кое ќе се осврне на актуелните политики и приоритети во односите помеѓу двете земји.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец Јануари 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
05.02.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
06.02.2025– М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Македонија
Денес во 16.30 часот тргнува првиот воз од Скопје за Куманово, ќе се патува 41 минута
Скопје и Куманово по две и пол години прекин, повторно ќе бидат железнички поврзани. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски извести дека од денес почнува да функционира редовна железничка линија.
„Денеска тргнува првиот воз од Скопје за Куманово. Тоа го ветивме на отворањето на железничката пруга Куманово – Бељаковце и еве од денеска е вистина. Во 16.30 часот ќе тргне првиот воз од Скопје за Куманово. Патувањето ќе трае 41 минута. Ќе оперира двапати дневно. Наутро во 06.30 ќе тргнува од Куманово за да можат сите оние на кои им е потребно да дојдат тука во главниот град, дали е за работа, дали е за други потреби кои што ги имаат и истиот воз во 16.30 ќе се враќа назад кон Куманово и секако во обратна насока кон Скопје. Значи ќе имаме четири воза дневно коишто ќе оперираат за 41 минута, што ќе се согласите сите, е навистина брзо. Од центар на Скопје до центар на Куманово ќе се патува за 41 минута што многу ќе ја олесни комуникацијата меѓу овие два града“, рече министерот Николоски.
Возот од Куманово ќе продолжи и до Бељаковце, оти само до таму во овој момент имаме железничка линија. Министерот Николовски очекува од октомври следната година истиот воз да оди и до Крива Паланка, кога ќе биде изградена пругата.
Во овој момент имаме пет активни воза кои оперираат по македонските железници за патнички сообраќај, пет локомотиви кои оперираат за товарен сообраќај и четири локомотиви. Министерот вели дека од нула возови и нула локомотиви минатиот јули сега имаме вкупно 14 на македонските пруги.
Следни железнички линии кои повторно ќе бидат воведени се оние до Тетово и Гостивар со амбиција да се врати и целата линија до Кичево,а понатаму и линиите до Штип и Кочани за кои министерот вели дека се градски линии оти сообраќаат на мали дестинации.
Редовната железничката линија меѓу Скопје и Куманово беше прекината во јуни 2022 година кога без најава и објаснување беа повлечени четирите воза што ја одржуваа.