Домашен
Кастратовиќ: Внимателно против Будуќност, нијанси ќе го решаваат победникот
Ракометарките на ЖРК Вардар викендов во Будимпешта, ќе учествуваат на завршниот турнир во Лигата на шампионките. Покраj ‘црвено-црните’, на завршниот турнир ќе учествуваат и тимовите на Будуќност, Ларвик и Динамо Синара.
Македонските шампионки, втора година по ред, се дел од најдобриот европски квартет, лани стигнаа до третото место.
„Имаме големо искуство од минатата година, сега сме многу поподготвени на сѐ што нѐ очекува. Девојките работеа напорно, сработија сѐ што се бараше од нив, имавме и екипа од Франција на гости која многу добро ни дојде, така што сега веќе имаме една позитивна тензија сите едвај чекаме да почне Ф4“, изјави за клупската интернат страница Индира Кастратовиќ.
Вардарки кон унгарската престолнина отпатуваа во четвртокот, а веќе во 19 часот ќе го одржат првиот тренинг. Вториот тренинг, воедно и последен пред саботното полуфинале со Будуќност, ракометарките на Вардар ќе го одржат в петок.
„Будуќност е една екипа која има големо искуство и квалитет, но мислам дека ние сме подобри од минатата година. Тогаш беше, можеби, сѐ некако бргу. Дојдовме до Ф4, малку беше сѐ еуфорично, но мислам дека сега сме многу поподготвени. Ја знаеме играта на Будуќност, последниов месец се подготвуваме специјално за нивната игра, нивната поцврста одбрана. Јас секогаш велам дека одбраната го добива натпреварот, а мислам дека моите девојки сега се многу подобри во тој дел. Знаеме како беше лани со Будуќност, и продолженијата и целата драма, и затоа сега влегуваме повнимателно. Мислам дека девојките се мотивирани и се подготвени за еден пекол во Будимпешта, за еден добар меч. Знам дека и овојпат нијанси ќе пресудат, но се надевам дека ќе биде во наша корист“, дополнува Кастратовиќ.
Полуфиналниот натпревар меѓу ЖРК Вардар и Будуќност в сабота ќе започне во 16:45 часот, претходно завршниот турнир ќе биде отворен со првиот полуфинален натпревар во кој ќе играат Динамо Синара и Ларвик./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.