Свет
Трамп ги избрал државниот обвинител и директорот на CIA
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, наводно се одлучил сенаторот Џеф Сешнс да биде државен обвинител, а пратеникот Мајк Помпео директор на Централната разузнавачка агенција (CIA), додека генералот Мајк Флин советник за национална безбедност.
Функционер близок на Доналд Трамп, кој сакал да остане неименуван, рекол за агенцијата Reuters дека овие именувања формално ќе бидат објавени подоцна во текот на денот во петокот. Сите тројца ја прифатиле понудата од новоизбраниот американски претседател.
„Додека Доналд Трамп тоа не го каже, не е официјално“, рекол, меѓутоа портпаролот на Републиканскиот национален комитет Шон Спицер за CNN.
Избирајќи го Џеф Сешнс за државен обвинител, Трамп ќе ги награди лојалистите чиишто крајно десни и понекогаш зајадливи изјави за имигрантите беа слични на неговите во кампањата. Сешнс се противи на каква и да е можност илегалните имигранти да добијат државјанство и отворено го поддржуваше ветувањето на Трамп дела ќе го изгради ѕидот кон Мексико.
Овој 69-годишен државен обвинител од сојузната држава Алабама и сојузен обвинител за јужниот округ на Албама, примил телефонски повик во кој му била понудена оваа должност, дознава телевизиската мрежа CBS News.
Агенцијата Bloomberg јави дека советник на Трамп го повикал сенаторот Тед Круз, исто така, можен кандидат за оваа сфера, во четвртокот вечерта за да му каже дека сепак оваа функција ќе му припадне на Сешнс.
Воен ветеран, член е на Конгресот е веќе 20 години, на сенатскиот Комитет за вооружени сили и претседател на неговиот Поткомитет за стратешките сили. Се претпоставува дека сепак би можел да наиде на отпор во Сенатот, поради тоа што во 1986 година, станал вториот во историјата кандидат во 50 години кој не е потврден за сојузен судија поради неговите расистички изјави
Меѓу кандидатите за државен обвинител медиумите претходно ги споменуваа и гувернерот на сојузната држава Њу Џерси, Крис Кристи и гувернерот на Арканзас, Ас Хатчинсон.
Директор на CIA, според овие информации, ќе биде членот на Претставничкиот дом, Мајк Помпео, кој во Конгресот ја претставува сојузната држава Канзас.
Тој дипломирал на познатата воена академија Вест Поинт, а по отслужувањето во армијата, започнал да се занимава со бизнис. Во 1994 година докторирал на правни науки на универзитетот Харвард, а работел како адвокат во компанијата „Williams & Connolly“.
Помпео е познат како жесток противник на абортусот. Тој, исто така, се залагаше против затворањето на злогласниот затвор Гвантанамо и повикуваше на пресудување смртна казна за Едвард Сноуден, поранешниот разузнавачки аналитичар кој пред две години во медиумите го обелодени системот на масивно следење на комуникациите и прислушување од страна на американските разузнавачки агенции на милиони луѓе во светот, вклучително и челници на земјите сојузници на САД. Уште во 2013 година Помпео изјави дека сите муслимански лидери коишто не ги осудуваат терористичките акти, извршени во името на исламот, се „потенцијални соучесници“ во нападите.
Пензионираниот генерал-потполковник Мајкл Флин е познат како поддржувач на зајакнување на односите меѓу САД и Русија и често истакнува дека е горд што лично се познава со рускиот претседател Владимир Путин.
Од 2012 до 2014 година Флин раководеше со Разузнавачката управа на министерството за одбрана (DIA), военото разузнавање, која е една од 19-те организации кои влегуваат во разузнавачката заедница на САД.
Флин беше посочуван како министер за одбрана. Но како што пренесува телевизијата ABC News, повикувајќи се на членови од тимот на Трамп за пренос на власта, Флин ќе ја заземе позицијата советник на претседателот за прашања од националната безбедност.
Се очекува дека една од задачите на Флин, меѓу другите, ќе биде оформувањето на политиката на САД во однос на борбата против џихадистичката групација Исламска држава. Самиот поранешен генерал, како и Трамп, во неколку наврати истакна дека е потребна политичка „зделка“ меѓу Вашингтон и Москва во врска со Сирија.
Медиумите потсетуваат дека Флин пред извесно време престојувал во Москва каде што на свеченоста по повод годишнината од телевизијата RT седел во ист ред со руските челници./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Штрајкот во Лувр привремено прекинат
Вработените во Музејот Лувр во Париз гласаа за прекин на штрајкот што започна поради платите и условите за работа, иако нивните барања остануваат, изјавија претставници на синдикатот.
„На општ состанок одржан денес, вработените во Музејот Лувр едногласно одлучија да го прекинат штрајкот за да му се овозможи на музејот да се отвори и да прима посетители“, се вели во соопштението на синдикатот CFDT-Culture.
Музејот беше целосно затворен во понеделникот бидејќи вработените започнаа штрајк, а делумно е повторно отворен од средата. Музејот во вторник и онака не работи.
Синдикатите изјавија дека го осудуваат „недостатокот на конкретни одговори во врска со безбедносниот план на музејот и иднината на институцијата, во клима на влошување на инфраструктурата и влошување на условите за работа“.
Тие, исто така, изразија жалење за „молчењето на директорот на музејот, кој ниту се сретнал со вработените, ниту дал изјава“.
Закажан е нов состанок за 5 јануари за продолжување на започнатиот притисок, доколку не пристигнат очекуваните одговори.
Свет
Данска ја обвини Русија за сајбер-напади врз инфраструктура и веб-страници
Данските власти објавија извештај на воената разузнавачка служба, во кој се наведува дека Русија извршила сајбер-напади врз инфраструктура и веб-страници во таа земја во текот на 2024 и 2025 година, а се откриваат и нови случаи, кои претходно не биле пријавени, објавува денес „Асошиетед прес“.
Според извештајот, Москва е одговорна за деструктивните сајбер-напади врз данската компанија за вода во 2024 година, како и за серија напади врз данските веб-страници пред регионалните и локалните избори минатиот месец.
Данската разузнавачка служба додаде дека овие напади се дел од хибридната војна на Русија против Западот и претставуваат обид за предизвикување нестабилност.
Се вели дека сајбер-нападите на Москва се дел од поширока кампања за заканување и казнување на земјите што ја поддржуваат Украина.
Западните претставници наведуваат дека има сè повеќе инциденти во рамките на саботажната кампања во цела Европа зад која стои Русија.
Според „Асошиетед прес“, документирани се 147 вакви инциденти, вклучувајќи два случаја пријавени од Данска оваа недела.
„Руската држава користи и групи и поединци како инструменти на хибридна војна против Западот, а целта е да предизвика нестабилност и да ги таргетира земјите што ја поддржуваат Украина“, се вели во извештајот на данската разузнавачка служба.
Германските власти го повикаа рускиот амбасадор во Берлин на 12 декември откога Министерството за надворешни работи на земјата ја обвини Москва за саботажа, сајбер-напади и мешање во изборите, потсетува „Асошиетед прес“.
Како што изјави портпаролот на Министерството, Мартин Гизе, меѓу овие напади е и нападот врз германската контрола на воздушниот сообраќај во текот на 2024 година.
Фото: депозитфотос
Регион
Путин првпат зборуваше за НИС: Верувам дека Белград ќе ги исполни своите обврски
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција, на која ги презентира своите политички ставови и анализи на јавноста во Русија и во странство.
За време на конференцијата, новинар од Србија го потсети рускиот претседател дека Нафтената индустрија на Србија (НИС), заедничко вложување меѓу Русија и Србија, ги трпи последиците од западните санкции. Тој го праша Путин како ја коментира оваа ситуација?
„Што се однесува до НИС, притисокот од западните санкции продолжува, а ова е показател за политичка моќ. Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски, а двете земји ќе спроведат многубројни други проекти“, рече Путин не сакајќи да се продлабочува на оваа тема.
Претходно денес, рускиот претседател изјави за „Спутник“ дека знае што се случува со компанијата НИС и дека се надева оти ќе се најде заедничко решение.
„Знаеме што се случува со компанијата НИС. Имаме меѓудржавен договор и претпоставуваме дека пријателското српско раководство ќе го земе ова предвид. Имаме идеја за насоката во која сакаме да се движиме заедно. Работиме на тоа и се надевам дека ќе го најдеме потребното решение“, рече рускиот претседател.
Тој исто така рече дека без оглед на надворешната аспирација за подобрување на односите, притисокот со санкции ќе продолжи како начин за покажување сила, пренесува „Раша тудеј“.
„Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски и дека Русија и Србија ќе спроведат многубројни други заеднички проекти“, рече тој.
НИС е под санкции на САД од почетокот на октомври поради мнозинската руска сопственост, што значително го комплицира работењето на една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.
Рускиот „Газпромнефт“ е мнозински сопственик на НИС, а рускиот претседател рече дека земјата инвестирала повеќе од три милијарди долари во компанијата.
фото/депозитфотос

