Свет
Трамп формира советодавно тело од деловни луѓе
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави формирање на ткн „стратешки форум“ во кој ќе влезат 16 групни американски претприемачи со коишто ќе се советува во подготовката и оцените на сопствената економска политика.
Ова советодавно тело со коешто ќе претседава челникот на инвестицискиот фонд „Blackstone“, Стивен Шварцман, треба да го известува претседателот Доналд Трамп за тоа „како владините мерки влијаат врз економскиот раст, отворањето работни места и продуктивноста“, се наведува во соопштението на тимот за предавање на власта на новоизбраниот претседател.
Меѓу членовите на ова тело се и извршниот директор на банката „JPMorgan Chase“, Џејми Димон, на студијата „Walt Disney“, Боб Игер, на фабриката за автомобили на „General Motors“, Мејри Бара, и на произведувачот на авиони „Boeing“, Џим Мекнерни.
„Мојата администрација е одлучна во намерата да се потпира на стручноста на приватниот сектор и да ја намали владината бирократија која нашите компании ги спречува да вработуваат, да воведуваат иновации и да се развиваат на американска почва“, изјави Трамп, кој и самиот е директор на компанија и сопственик на империјата на недвижнини која го носи неговото име.
Трамп победи на американските претседателски избори, меѓу другото, благодарејќи и на ветувањето дека ќе ги сочува работните места во САД и рече дека е подготвен да воспостави директен дијалог со директорите на компаниите за тоа да се оствари.
Во четвртокот и се закани „со последици“ на компаниите коишто ќе посакаат да заминат од САД поради намалување на трошоците.
Како што уште се додава во соопштението, новоизбраниот претседател „почесто“ ќе се среќава со членовите на новото тело коешто првпат ќе се состане „во првата седмица од февруари“, по официјалната инаугурација и преземањето на должноста на 20-ти јануари.
И претседателот на заминување Барак Обама основаше консултативни тела составени од челници на компании, во прв ред ткн Советот за извоз во кој имаше дваесетина крупни бизнисмени./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бербок: Газа им припаѓа на Палестинците
Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска по повод предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на Палестинците од Газа изјави дека оваа енклава заедно со окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим му припаѓа на палестинскиот народ.
Таа посочи дека раселувањето на Палестинците од Појасот Газа би било „неприфатливо“ и против меѓународното право, пренесува Ројтерс.
Бербок рече дека Палестинците мора да бидат вклучени во решението на блискоисточното прашање и дека нивното протерување од енклавата ќе предизвика дополнително страдање и омраза.
Трамп предложи Палестинците да се преселат од Појасот Газа во Египет и Јордан, што тие земји го одбија.
Тој додаде дека САД ќе го преземат Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како нова „ривиера на Блискиот Исток“.
Свет
Пожар на аеродром во Рим: маж стигнал до контролната кула и подметнал пожар, персоналот и патниците евакуирани
Авиосообраќајот на аеродромот Чампино во Рим беше привремено прекинат поради подметнување пожар во техничката просторија во подножјето на контролната кула. Вработените во оперативната сала биле принудени да ја напуштат просторијата поради чад, пренесуваат италијанските медиуми.
Поради оваа причина, појдовните и дојдовните летови се суспендирани. Според информациите, грузиски државјанин бил уапсен поради подметнување пожар. Тој пред неколку дена пристигнал во Италија и немал криминално досие. Понатамошни истраги за неговиот статус се во тек.
Како што пренесуваат тамошните медиуми, во овој инцидент нема повредени.
Сите дојдовни летови се префрлаат на аеродромот Леонардо да Винчи, а патниците ќе се превезуваат со автобус бесплатно.
Пожарникарите пријавиле дека интервенирале околу 7 часот и 20 минути, веднаш по пријавувањето на инцидентот. Тие изгаснале мал пожар „ кој избувнал внатре во канцелариите лоцирани под контролната кула“.
Спасувачите превентивно ја евакуирале целата зграда поради густиот чад.
Свет
Египет го отфрли предлогот за раселување на Палестинците
Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати изјави дека Палестинците не треба да ја напуштаат Газа. Тој му ја пренесе оваа порака на премиерот на палестинската самоуправа Мохамад Мустафа за време на состанокот одржан само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп ги објави плановите за преземање на Газа, што предизвика широки критики од палестинските политичари и арапските држави.
Египетското Министерство за надворешни работи ја истакна важноста од забрзување на испораката на хуманитарна помош, отстранување на урнатините и започнување проекти за опоравување, притоа јасно нагласувајќи дека Палестинците треба да останат во Газа, со оглед на нивната поврзаност со земјата и нивното одбивање да бидат насилно раселени.
Трамп претходно изјави дека секој со кој разговара ја сака идејата САД да го поседуваат тоа парче земја, мислејќи на Газа и изрази надеж дека Јордан и Египет би можеле да ги прифатат Палестинците кои ќе бидат протерани од енклавата.
Сепак, арапските земји одамна отфрлаат какво било принудно раселување на Палестинците и се залагаат за решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт.