Европа
Британската влада наскоро со „јасен“ закон за Брегзит
Британската влада во следните неколку дена ќе претстави „јасен“ закон за да побара одобрување од парламентот за покренување на постапката за излегување од Европската унија, изјави во вторникот Дејвид Дејвис, министер за британското излегување од ЕУ.
Претходно во вторникот британскиот Врховен суд пресуди дека премиерката Тереза Меј мора да добие одобрување од парламентот пред да го започне процесот на формално излегување на Обединетото Кралство од Европската унија, а владата, иако разочарана, кусо соопшти дека ќе ја прифати донесената одлука.
На оваа највисока британска судска истанца, отфрлени беа, меѓутоа, аргументите дека парламентите во Северна Ирска и Шкотска, каде што гласачите во мнозинство гласаа за останување во ЕУ, како и во Велс каде што заедно со Англија всушност ја донесоа разликата во позла на излегувањето, би требало да дадат своја согласност за активирањето на членот 50 од Лисабонскиот договор со кој се регулираат условите за истапување од блокот.
„За неколку дена ќе донесеме закон за владата да добие правна основа и да го активира членот 50. Тоа ќе биде најјасниот можен закон со кој ќе се спроведе одлуката на народот и со кој ќе се испочитува одлуката на Врховниот суд“, изјави Дејвис.
Премиерката Меј во повеќе наврати изјави дека членот 50 ќе го активира до крајот на март, но сега прво мора да бара согласност од законодавците. Тоа нејзината намера би можело да ја забави или промени, иако опозициската Лабуристичка партија порача дека нема да го забавува нејзиниот распоред.
Лабуристите соопштија дека Врховниот суд во вторникот ја натерал владата да го прифати суверенитетот на парламентот, но дека го прифаќаат исходот од референдумот одржан на 23-ти јуни 2016 година.
„Лабуристичката партија го почитува исходот од референдумот и волјата на британските гласачи и нема да го попречува активирањето на членот 50“, изјави челникот на лабуристите Џереми Корбин.
Порача, меѓутоа, дека лабуристите измена на предлог законот за членот 50, за да бидат попречени конзервативците да го искористат Брегзитот и да ја претворат Велика Британија во багателно даночно засолниште на спротивниот брег од европскиот континент.
„Лабуристите од владата бараат план кој ќе гарантира дека владата е договорна пред парламентот во текот на целата постапка на преговарањето, исто така, бара и смислено гласање за да се гарантира дека конечниот договор ќе добие потврда во парламентот“, одаде Корбин.
Минатата седмица Меј ја престави својата преговарачка рамка, ветувајќи „чисто“ разијдување од најголемиот светски трговски блок. Во планот кој содржи 12 точки и кој го отвори патот кон ткн „тврд Брегзит“, главниот фокус е ставен на глобалните договори за слободната трговија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.