Европа
Подемос стана втора партија по популарност во Шпанија
Народната партија од десниот центар е најпопуларната политичка партија во Шпанија, три месеца по долговремената неизвесност за формирање малцинска влада, додека на второто место се искачи партијата противник на мерките за штедење Подемос, истиснувајќи ја од оваа позиција социјалистичката партија, покажа во вторникот објавената анкета на Центарот за социолошки истражувања CIS, чие седиште е во Мадрид.
Народната партија на премиерот Маријано Рахој, ја поддржуваат 33 отсто од граѓаните, што е еднакво на бројот на гласовите кои оваа партија ги освои на предвремените парламентарни избори во јуни минатата година. Имајќи предвид дека тогаш не успеа да го добие натполовичното мнозинство во парламентот, а ниту поддршката од другите партии, Шпанците се подготвуваа за нови повторени избори, трети во рамки на една година.
Меѓутоа втората традиционална шпанска партија Шпанската социјалистичка работничка партија (PSEO) во последен момент се реши да се воздржи од гласањето за владата, стравувајќи дека на следните избори ќе стане третата партија и според бројот на освоените мандати во парламентот, што на Народната партија во октомври ѝ овозможи по 315 дена, два парламентарни избора за помалку од година и тешки меѓупартиски преговори да формира малцинска влада, на само два дена пред истекот на рокот за формирање влада, по што Шпанците ќе мораа да излезат на третите избори за дванаесет месеци.
Таа одлука доведе до оставка на партискиот претседател на социјалистите, и криза во PSOE, која на последните избори го забележа најлошиот резултат во историјата. Оваа партија од левиот центар, којашто од воведувањето на демократијата во земјата во 1980-те години се менуваше на власт и практично со Народната партија ја сочинуваа двопартиската политичка сцена во Шпанија, сега има поддршка од 18,6 отсто од гласачите, со што падна на третото место. Коалицијата „Обединети можеме“, составена од мнозинскиот Podemos (Можеме) и помалата Обединета левица, изби на второто место според популарноста, нарушувајќи го по првпат двопартизмот во Шпанија.
„Обединети можеме“ сега може да смета на 21,7 отсто од избирачите, покажува анкетата на CIS направена на почетокот од јануари. Подемос беше формиран во 2014 година на бранот на огорченост на граѓаните, тврдејќи дека за економската криза, отпуштањата, кастрењата во јавните служби и корупцијата се виновни двете традиционално најголеми партии.
Народната партија од 2011 година ја води Шпанија која закрепнува од економската криза и има втора највисока стапка на невработеност во Европската унија, по Грција. Премиерот Рахој тврди дека на земјата ѝ е неопходна стабилноста за да го продолжи закрепнувањето.
Партијата од центарот Граѓани (Ciudadanos), којашто во парламентот гласаше за владата на Народната партија, има поддршка од 12,4 отсто од гласачите и истана на четвртото место по рејтингот, иако и таа е релативно нова на политичката сцена./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.
Европа
Крим главна цел: Пентагон откри за што Украина ќе ги користи моќните ракети АТАКМС
Министерството за одбрана на САД ја појасни целта за испорака на ракети со долг дострел во Украина, кои неодамна беа испорачани во тајност. Како што објави „Њујорк тајмс“, целта на испораката на американските ракети АТАКМС е да се зголеми притисокот врз Крим, кој беше анектиран од Русија по референдумот во 2014 година.
Крим го претставува центарот во кој се лоцирани голем број руски воздушни и копнени сили и кој досега, како што пишува американскиот дневен весник, „за нив бил релативно безбедно засолниште“. Ова го тврди анонимен американски функционер. Сепак, Пентагон одби да каже колку точно од овие проектили со дострел од 300 километри се испорачани на украинската страна.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, претходно ја потврди испораката на овие ракети без да прецизира дали тие се модифицирани и имаат зголемен дострел.
Украинските сили веќе употребија АТАКМС, што претседателот Володимир Зеленски го потврди на 17 април, објавувајќи дека бил извршен напад врз воздухопловната база Џанкој, која се наоѓа на 165 километри од линијата на фронтот. Министерството за одбрана на Руската Федерација не ги коментираше овие наводи.
Pentagon reveals Ukraine’s targets for ATACMS missiles – NYT — (the usual baffling lack of retaliation threats from #Putin– instead just the usual bleating that ‘it’s impossible to justify’..Bring Stalin back to life please, Russia) https://t.co/8pi0Lx8tbt #CapeTown #SouthAfrica pic.twitter.com/ZtI5cG3r2m
— Peter Mayson (@theforeverman) April 26, 2024
Американскиот дневен весник потсетува дека Украина првпат добила ракети АТАКМС во септември минатата година, но дека станува збор за верзија со половина дострел. Се шпекулираше дека Украина можеби користела американски ракети за да го урне кримскиот мост, што на почетокот на месецов го потврди и самиот претседател Зеленски, велејќи дека неговата влада „навистина сака да го уништи мостот на Крим“.
Тој е симбол на руската окупација и преку овој мост Русија испорачува воена опрема и ги снабдува војниците во Украина. Во неколку наврати досега мостот беше цел на украински напади.
– Мислам дека е вистинското време, а шефот (Бајден) донесе одлука дека е вистинско време да и го обезбеди на Украина оружјето неопходно за тековната борба. Тоа е добро осмислена и многу конструктивна одлука – изјави адмирал Кристофер Грејди, заменик командант на Здружениот генералштаб на американската армија.
Руската страна го осуди потегот на САД, а рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов рече дека тоа „ја зголемува заканата за безбедноста на Крим, вклучително и Севастопол и другите руски градови“.