Европа
ЕУ договори заеднички став, но не и текстот на договорот со Турција
Челниците на 28-те земји членки на Европската унија по првиот ден од самитот во Брисел договорија заеднички став, но ни и текстот од договорот кој ќе треба да ѝ биде понуден на Турција за решавање на мигрантската криза.
Неколку челници на ЕУ по завршувањето на првиот ден од самитот објавија преку Twitter дека е постигнат заеднички став кој во петокот претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и холандскиот премиер Марк Руте ќе му го претстават на турскиот премиер Ахмет Давутоглу.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека разговорите биле „конструктивни“, но дека патот до постигнување договор со Турција ќе биде „сé само не лесен“. Холандскиот премиер Марк Руте на прашањето што е најголемата пречка за постигнувањето договор, одговори „Се договоривме дека нема ништо да кажеме за тоа“. Францускиот претседател Франсоа Оланд, пак, рече дека „сé уште нема договор“, но дека се на пат да го постигнат тоа.
Лидерите ќе се обидат во петок да го довршат првичниот договор постигнат на почетокот од минатата седмица, според кој Турција би требало да ги прими сите мигранти кои од нејзината територија ќе дојдат до грчките острови, како и оние кои ќе бидат фатени во турските територијални води,
Анкара на самитот на 7-ми март на челниците на ЕУ им постави низа барања, кои Брисел треба да ги исполни за да биде постигнат договор. Меѓу нив се барањата за дополнителни три милијарди евра помош за згрижување на сириските бегалци, покрај трите ветени минатата година, укинување на визите за турските државјани до јуни и забрзување на пристапните преговори.
Договорот со Турција за Европската унија воопшто не е едноставен, бидејќи е изложена на многубројни критики дека ѝ попушта на Турција, која се служи со уцени за да добие повеќе, порачувајќи дека без неа нема решение на мигрантската криза во Европа./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.