Европа
Германија го смени главниот јавен обвинител во аферата за велепредавство
Германскиот министер за правосудство Хајко Мас го смени главниот државниот обвинител, Хералд Ранге, по неговите обвиненија за министерот дека врши притисок врз истрагата за велепредавство покрената против двајца новинари на Netzpolitik.org,, објави во вторникот Bild.
„Мојата доверба во водството (на јавното обвинителство) потполно нарушена“, изјави министерот Хајко Мас и рече дека наследникот на 67-годишниот Хералд Ранге, кој заминува во пензија во договор со канцеларката Ангела Меркел, веќе е именуван – обвинителот на Минхен, Петер Франк.
Агенцијата AFP коментира дека во периодот на летната пауза, во Германија единствена тема се двајцата новинари на блогот Netzpolitik.org, кои се предмет на истрага под сомнение дека издавале државни тајни. Целата афера кулминираше во вторникот вечерта со смената на државниот обвинител кој беше задолжен за истрагата.
Претходно во вторникот обвинителот Хералд Ранге на прес-конференција во Карлсруе, го обвини министерството за мешање во истрагата и притисок да се запре со истрагата што ја покрена против двајцата блогери и да се одбие барањето за на Федералната служба за заштита на уставот (BND – германското разузнавање) во однос на онлајн ресурсот Netzpolitik.org за велепредавство. Ранге изјави дека таквите активности на министерот за правда Мас ги карактеризира како притисок врз истрагата.
„Мешањето во внатрешната истрага со претпоставка дека резултатите би можеле да бидат несоодветни е недозволиво мешање во независноста на правосудството“, изјави Ранге.
Минатата седмица новинарите биле известени дека се под истрага, бидејќи објавиле делови од документи добиени од анонимен извор кои покажуваат дека домашната разузнавачка служба имала намера да го зајакне надзорот врз онлајн медиумите и притоа започнала истрага за новинарите на Netzpolitik.org од страна на државното обвинителство во врска со одавање државни тајни. Според Ранге, резултатите од независната експертиза покажуваат дека е извршено кривично дело.
Германската владејачка коалиција минатата седмица се дистанцираше од обвиненијата против новинарите блогери, а министерот за правосудство изјави дека мисли дека активностите на новинарите не претставуваат велепредавство.
Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, во вторникот апелираше до германските власти да ја прекинат истрагата против новинарите, затоа што оцени дека е во спротивноста со слободата на протокот на информациите и слободата на медиумите. Претходно бројни германски новинари и политичари изразија сериозни критики за отпочнувањето на истрагата против соработниците на Netzpolitik.org од страна на јавниот обвинител. Околу 1.300 луѓе се собраа во саботата на демонстрации во центарот на Берлин за поддршка на слободата на говорот и против истрагата на новинарите на интернет порталот.
Порталот Netzpolitik.org е основан 2002 година, и опстојува од донации и приходи од реклами. Во 2005 година беше награден со признанието на меѓунaродната организација за заштита на човековите права Репортери без граници (RSF)./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.