Европа
Меркел го повика Ципрас во Берлин
Грчкиот премиер Алексис Ципрас следната седмица ќе отпатува во Берлин со надеж дека кацеларката Ангела Меркел ќе успее да ја одоброволи да го прифати неговиот реформски план и репрограмирањето на големите грчки долгови во рамките на меѓународната помош за спасување на Грција од банкрот.
По телефонскиот разговор меѓу германската канцеларка Ангела Меркел во понеделникот, од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас објавија дека тој добил покана да ја посети Германија на 23-ти март.
Меѓу Берлин и Атина во последните седмици кулминираа тензиите, бидејќи Германија е загрижена од можноста Грција да не го почитува своите преземени обврски, додека Грците ги сметаат Германците за главни заговорници за извршување на жестоките мерки за штедење коишто се одразуваат и врз животниот стандард на населението.
Средбата меѓу Меркел и Ципрас ќе се одржи само неколку денови по самитот на Европската унија, на 19-ти и 20-ти марти во Брисел, каде што грчкиот премиер има намера да ги убеди земјите членки на еврозоната да ги ревидираат условите за меѓународниот план за финансиска помош на неговата земја во износ од 240 милијарди евра, кој беше придружен со отпишување на околу 110 милијарди евра кон приватните доверители, и повеќе да се свртат кон економскиот раст.
„Без оглед на тоа на какви препреки ќе наидеме во текот на преговорите, нема да се враќаме на политиките на штедење“, изјави Ципрас за дневниот весник Етнос од понеделникот, тврдејќи дека токму буџетските кастрења се одговорни за рекордно високата невработеноста во Грција, околу 26 отсто.
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави во понеделникот дека сé уште никој нема сфатено што Грција всушност сака. „Досега никој не сфати што сака грчката влада“, изјави на трибината за иднината на Европа во организација на Фондацијата Конрад Аденауер.
„Кога Грција упорно се обидува да каже дека коренот на нејзините проблеми е надвор од таа земја, таа не му ја кажува вистината на својот народ. Трагично е за ситуацијата во Грција е што елитите не му ја кажуваат вистината на својот народ“, истакна Шојбле./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.