Европа
Швајцарците уверливо против законот за депортирање на странците

Швајцарските избирачи во неделата со 58,9 отсто од гласовите го отфрлија контроверзниот предлог закон на десничарската Швајцарска народна партија (SVP) за автоматското депортирање на странците коишто ќе сторат какво и да е кривично дело, покажаа конечните резултати од референдумот.
Швајцарскиот референдум се одржа во периодот кога немал број европски земји ги заострија своите политики кон имигрантите, а тамошните јавности жестоко се спротиставуваат на доселувањата, откако над милиони бегалци во 2015 година влегоа во Европа, а воедно според неговите противници претставуваше и тест за швајцарскиот правен и политички систем на директна демократија.
Според конечните резултати, 58,9 отсто од избирачите гласале против предлогот странците коишто живеат во Швајцарија да бидат автоматски протерани доколку сторат кривично дело, без разлика на тежината на прекршокот и независно од тоа колку долго живеат во Швајцарија. Пред шест години Швајцарците со 52,9 отсто од гласовите ја прифатија Швајцарската народна партија (SVP) за депортирање на странските криминалци, но парламентот тој закон го дополни со одредба со којашто на судиите им се овозможуваше во некои случаи да го избегнат автоматското прогонување на осудените странци.
„Таа иницијатива одеше против правната држава, таа на судиите ќе им ставеше улар. Од таа причина се мобилизиравме во кампањата“, изјави Кристина Гагани, челничка на организацијата која ги претставува бизнис круговите во Швајцарија, пренесува агенцијата AFP.
Според објавените податоци, 63 отсто од Швајцарците излегле на референдумот, што е значително повеќе од просекот во оваа земја кој изнесува малку повеќе од 40 проценти.
Освен SVP, сите други партии во парламентот се спротиставуваа на споменатиот предлог, а против него беше потпишан и манифест од група од 120 правни експерти и 270 поранешни и сегашни парламентарци.
Според законот што го предлагаше SVP, државата не би ги депортирала само странците кои сториле убиство, силување или трговија со луѓе, толку и за помали прекршоци, како давање лажни сведочења, закани кон државни службеници или вандализам. Обвинувачките пресуди автоматски би воделе кон депортирање, а судиите повеќе не би имале право да ја проценуваат индивидуалната ситуација на секој обвинет пред да му биде одредена таквата казна.
Критичарите сметаа дека новиот закон би бил особено неправеден кој околу 400.000 ткн „секондоси“, втората генерација странци, коишто се родени во Швајцарија, но немаат швајцарско државјанство. Се предупредуваше, исто така, и дека таквиот закон би го кршел договорот на Швајцарија и Европската унија за слободното движење, што би можело дополнително да ги влоши односите меѓу Брисел и Берлин, веќе нарушени со швајцарската одлука да го ограничи доселувањата од земјите членки на ЕУ и другите земји.
Пред три месеца анкетите предвидуваа дека ќе победат приврзаниците на депортацијата на странците, но две седмици пред референдумот, резултатот беше многу тесен.
Инаку на секои три месеца Швајцарците преку плебисцит се изјаснуваат за различни прашања.
Во неделата 57 отсто, според конечните резултати, гласаа за изградба на втората цевка од тунелот во алпскиот масив Сен-Годар, на главната сообраќајница север-југ. Владата сака да изгради втора тунелска цевка за да може да ја обнови постојната којашто датира од 1980 година, а притоа да не мора да биде попречен патниот сообраќај.
Третото прашање за коешто се изјаснуваа на неделниот референдум швајцарските избирачи, бише изедначувањето на венчаните и невенчаните двојки кон даночната управа. Многу тесно, со 50,8 отсто од гласовите гласачите овој предлог на Христијанско-демократската партија го отфрлија, па невенчаните и натаму ќе бидат помалку оданочувани./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.
Европа
Анкета: Германците сакаат да го укинат пиењето под надзор кај тинејџерите

Мнозинството Германци сакаат построги закони за заштита на младите од алкохол, вклучително и елиминација на контролирано пиење, што им овозможува на 14-годишниците да нарачаат пиво во бар ако се во придружба на законски старател, покажува анкета објавена денес.
Резултатите од анкетата на „Форса“, нарачана од компанијата за здравствено осигурување Kaufmännische Krankenkasse (KKH), покажуваат дека 65 проценти од Германците ја поддржуваат забраната за контролирано пиење алкохол од страна на малолетници. Според сегашниот закон, на тинејџерите им е дозволено да купуваат и да пијат пиво, вино и пијалаци на база на вино на јавно место ако се во придружба на старател.
Тесно мнозинство од 52 процента од испитаниците исто така сакаат да се зголеми законската возраст за купување и пиење алкохол од 16 на 18 години. Анкетата, спроведена во јуни, опфати 1.004 испитаници од цела Германија на возраст меѓу 18 и 70 години.
Забраната за контролирано пиење ја застапуваат и покраинските министри за здравство, а ја поддржува и федералната министерка за здравство, Нина Варкен. Алкохолот е значаен проблем за децата и за тинејџерите, изјави Катарина Шенк, министерка за здравство во источногерманската покраина Тирингија и претседателка на Конференцијата на министрите за здравство.
Медицинските здруженија долго време апелираат до креаторите на здравствените политики да вложат поголеми напори за намалување на потрошувачката на алкохол во Германија. Германското здружение за исхрана препорачува целосна апстиненција од алкохолни пијалаци наведувајќи дека „не постои безбедно ниво на потрошувачка“.
„Колку порано младите луѓе почнуваат да пијат, толку се поголеми здравствените ризици“, вели психологот на KKH, Франциска Клем.
Покрај краткорочните последици, како што се несреќи, повреди и насилство, алкохолот го зголемува и ризикот од рак, кардиоваскуларни заболувања и заболувања на црниот дроб. Алкохолот е особено штетен за адолесцентите бидејќи нивните тела сè уште се во развој и затоа се почувствителни на неговите токсични ефекти, објавува агенцијата ДПА.
Европа
Украински функционер: Европа прави сè што може, но ќе биде тешко без американско оружје

Украина ги повика САД да продолжат со „континуираната“ воена помош, по изненадувачката најава дека некои испораки на оружје за Киев ќе бидат запрени, додека Вашингтон се обиде да го намали значењето на паузата.
Тоа е сериозен удар за Украина во време кога Русија ги засилува нападите во отсуство на дипломатски напредок за решавање на конфликтот. Американскиот претседател Доналд Трамп му се обраќа на рускиот претседател Владимир Путин од јануари, обидувајќи се да изврши притисок врз него да ги запре борбите, но без да постигне конкретен напредок.
Вчера, сосема неочекувано, неговата администрација објави дека престанала да испорачува одредени видови оружје во Киев, официјално поради загриженост за намалувањето на залихите на муниција во САД, од каде што доаѓа најголемиот дел од воената помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Американските претставници вчера се обидоа да го минимизираат влијанието на потегот, без да дадат детали. „Министерството за одбрана продолжува да му презентира опции на претседателот во врска со воената помош за Украина, во согласност со целта за завршување на оваа трагична војна“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за новинарите.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на брифингот изјави дека „ова не е суспензија на американската помош за Украина или испораката на оружје“, туку „изолиран инцидент“.
Оружјето, муницијата и опремата од Соединетите Американски Држави, како и разузнавачките информации, им овозможија на украинските сили да ги сопрат руските трупи, кои окупираа речиси 20 проценти од украинската територија. Украина останува зависна од американските испораки на оружје, изјави за АФП висок украински воен функционер.
„Европа прави сѐ што може, но ќе ни биде тешко без американска муниција“, додаде тој. Синоќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Вашингтон и Киев се обидуваат да ги „разјаснат сите детали“ во врска со воената помош што Соединетите Американски Држави сè уште ја обезбедуваат. „Продолжената американска помош за нашата одбрана и нашиот народ е во наш заеднички интерес“, рече тој.