Регион
Во Сараево прогласен аларм поради загадувањето, од недела возење чифт-тег
Кантоналните власти на Сараево во саботата прогласија мерка за аларм поради продолжувањето на влошувањето на квалитетот на воздухот и воведоа делумна забрана за движење на моторните возила низ главниот град на Босна и Херцеговина додека метеоролошките услови не се променат.
Ваквата одлука ја донел посебниот оперативен штаб на владата на Сараевската жупанија формиран за да се следи состојбата предизвикана од загадувањето на воздухот и да презема потребни мерки, а согласно таквата одлука во недела во 7 часот на сила стапува режимот на возење познат како „чифт-тег“, а се однесува на последната бројка од регистарските таблички.
Така, во Сараево во недела ќе биде забрането користењето на возила чии регистарски таблички завршуваат со парна бројка, а ден подоцна таквата забрана ќе важи за возилата чии последни бројки се непарни. Мерката ги вклучува и возилата коишто се регистрирани во странство. Но не се однесува на возилата на полицијата, на одбраната, брзата помош, пожарникарите, дипломатите, на возилата на комуналните фирми, и на возилата за снабдување со лекови и прехранбени продукти.
Режимот на наизменично возење, како што појасни жупанискиот министер за сообраќај Чедомир Лукиќ, ќе се менуваат секојдневно на полноќ.
Казните за непочитување на овие рестриктивни мерки се движат од 500 до 1.000 конвертабилни марки, односно од 250 до 500 евра за физички лица, а за компаниите достигнуваат и до 2.500 евра.
Ограничувањето во сообраќајот со моторни возила низ Сараево е наметнато поради тоа што во текот на саботата на мерните станици во градот е измерена концентрација на прашина во воздухот со просечна вредност поголема од 400 микрограма на квадратен метар. Според прописите во БиХ, горната дозволена граница е 50 микрограми, што е повеќе од двојно во споредна со еколошките стандарди кои се на сила во Европската унија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кси слета во Србија: Претседателот на Кина пречекан од Вучиќ и државниот врв
Заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и првата дама, кинескиот претседател Кси Џинпинг беше пречекан на црвениот тепих од српската делегација составена од премиерот Милош Вучевиќ, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, српската амбасадорка во Кина Маја Стефановиќ и кинескиот амбасадор во Белград Ли Минг со сопругата.
Свечениот пречек на кинеската делегација која брои 400 лица е закажан за в среда пред палатата „Србија“.
Домаќин на претседателот Кси Џинпинг ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ, а двајцата лидери ќе разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.
За време на дводневната посета на Кси Џинпинг на Србија, планирано е да се потпишат над 30 договори.
Беше организиран и свечен ручек на кој кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик, која ќе заврши со песната „Ова е Србија“.
Поради доаѓањето на кинескиот претседател преземени се големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја обезбедуваат 3.400 полицајци.
Регион
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции, изјави министерот за одбрана Ејуп Македончи.
„Група руски хакери извршија сајбер-напад на Косово како одмазда за мојата изјава за поддршка на Украина“, изјави Македончи.
Во текстот на руските хакери се споменува говорот на тој косовски министер кој, според нив, рекол дека „Косово е подготвено да и понуди воена помош на Украина“.
„Косово е подготвено да ги здружи колективните напори за поддршка на одбраната на Украина. Треба повеќе да размислат за ова“ – напишаа хакерите на руски, спомнувајќи го министерот Македончи.
Министерката за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала објави дека „Русија врши хибриден напад на Косово“.
Гервала на мрежата „Х“ изјави дека „рускиот хибриден напад на Косово“ доаѓа по најавата за поддршка на Косово за Украина со воена опрема.
Регион
Александар Вулин: Пријателството меѓу Србија и Кина е челик затоа што го ковавме во оган
Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на промоцијата на културната размена меѓу Кина и Србија на тема „Што ги делат планините и реките, пријателството обединува“, изјави дека пријателството меѓу двете земји е челик бидејќи е ковано во оган и дека Србија и Кина се разделени за многу работи, но најважното ги обединува, а тоа е одлуката на две држави да бидат слободни.
„Пријателството на нашите лидери, претседателот Вучиќ и претседателот Си Џинпинг, не обврзува да сториме сè, исто како нив, за нашите народи да бидат поблиски отколку што нè прави блиски географијата или историјата. Србите и Кинезите ги дели сè, ние сме различни во сè, но нас нè обединува она најважното – нашата одлука да бидеме слободни, нашата посветеност на најважната карактеристика на народите и луѓето – слободата“, рече Вулин на настан организиран од China Media Group.