Македонија
До март отворен повикот за купување дрва преку „Македонски шуми“ за 2017
Објавен е повикот за купување огревно и техничко дрво за следната година преку Јавното претпријатие „Македонски шуми“.
Цената на дрвата во складовите на претпријатието останува иста, 2.370 денари за метар кубен буково огревно дрво, а 2.450 денари за дабово.
Физичките лица кои сакаат самостојно да набават дрва треба да аплицираат електронски најдоцна до 31 март следната година. Обрасците со барања се достапни на страницата www.mkdsumi.com.mk.
„Имаат можност за склучување договор за купување во готово или на шест рати. Испораката на огревното дрво до домаќинствата ќе се врши исклучиво согласно датумот за целосната уплата на договирената количина“, информира на прес-конференција Жарко Караџовски, директор на ЈП „Македонски шуми“.
Попуст од десет проценти доколку дрвата ги купат во готово и следната година ќе имаат ранливите категории (социјални случаи, лица со попреченост во развој, деца без родители, самохрани родители и стечајни работници), како и семејствата на бранителите и на работници кои останале инвалиди на труд или загинале на работа. Тие имаат опција и за купување на осум рати. За тие категории превозот на дрвата е бесплатен. Tреба да го докажат статусот со потврда од надлежна институција.
Рокот за аплицирање за купување дрва преку здруженија на пензионери, инвалиди на трудот и синдикати на правни лица е до 31 јануари следната година, а склучувањето на договорите почнува од 1 февруари.
ЈП Македонски шуми“ со повикот нуди можност и за продажба на техничко дрво по пат на рамковни договори до пет години, за што правните лица може да аплицираат до 15 јануари следниот месец, како и годишни договори, за што пријавувањето е до крај на јануари следната година. По пат на јавно наддавање ќе се продава и оштетената дрвна маса по разни основи.
Лани „Македонски шуми“ продаделе и испорачале 485 илјади метри кубни дрва. На 10 до 15 од граѓаните кои годинава склучиле договори им се вратени парите затоа што испораката не била извршена навреме.
„Тоа е заради доцнење на некој рок, којшто најчесто се случува во Скопје, заради големата побарувачка, а малото произвдоство во скопската подружница,сме принудени да носиме дрва од внатрешноста и некогаш се случува и да се доцни. Кај оние граѓани кои не може да чекаат од оправдани или неоправдани причини стоиме на располагање и така и го склучуваме договорот, да ги вратиме парите и да исплатиме отштета“, рече Караџовски, информирајќи и дека ЈП „Македонски шуми“, ги репрограмирало долговите кон Управата за јавни приходи./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ во официјална посета на Србија
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, утре ќе престојува во официјална посета на Република Србија, каде што ќе учествува на конференцијата „Western Balkans 2030“, во организација на Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Во своето обраќање на конференцијата министерот Стоилковиќ ќе истакне дека е чест и задоволство да се обрати на настан посветен на клучни теми кои ја отсликуваат реалноста и ја обликуваат иднината на регионот – регионалната интеграција, европската перспектива и економското поврзување.
Во рамки на престојот во Белград, потпретседателот и министер Стоилковиќ ќе оствари и работна средба со потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија Адријана Месаровиќ. На средбата ќе се разговара за потпишување на меморандум за натамошно унапредување и продлабочување на економската соработка, поттикнување на заедничките инвестициони проекти, како и заеднички настап на трети пазари, во пресрет на македонско-српскиот бизнис форум кој ќе се одржи во Македонија на 2 и 3 декември.
„Посетата претставува уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон стабилен, економски поврзан и европски ориентиран регион на Западен Балкан.
По завршувањето на средбата предвидени се изјави за медиуми“, соопштија од кабинетот на Стоилковиќ
Македонија
Делови од Центар, Зелениково и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, дел од корисниците од улиците Самоилова и Јоаким Крчовски, како и објектот на Музејот на Современа Уметност, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Зелениково, Ново Село, Страхојадица и Смесница, општина Зелениково;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците лоцирани околу ул. Австралиска бр. 5 во населба Даме Груев, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.

