Daily news
Научна експедиција ќе провери дали Монт Еверест се смалил
Членови на научна експедиција наскоро ќе заминат на Монт Еверест за да измерат дали „Покривот на светот“ се смалил по разорниот потрес кој пред две години го погоди Непал.
Сателитските снимки упатуваат на тоа дека земјотресот со магнитуда од 7,8 степени по Рихтер кој го погоди Непал во 2015 година ја смалил височината на највисокиот врв на светот за неколку милиметри или за неколку сантиметри, меѓутоа оваа претпоставка која кружи во научните кругови до денес не е научно испитана.
„Од разорниот земјотрес во Непал минаа две години и научната заедница оправдано се сомнева дека Еверест навистина се смалил“, изјавил за агенцијата PTI, Сварна Суба Рао, индиски геодет, додавајќи дека тој и неговите колеги повторно ќе го мерат врвот.
Кон крајот на зимата петчлена експедиција ќе тргне кон врвот Монт Еверест и со специјални инструменти ќе ги изврши неопходните мерења за да се утврди неговата сегашна вистинска височина. Рао потсети дека по години полемики сеашната официјална височина на Монт Еверест е 8.848 метри.
Мерењата ќе траат околу еден месец на самото место, а потоа ќе следуваат две седмици на проучување на собраните податоци. Потоа ќе бидат објавени податоците од овие мерења.
Разорниот земјотрес кој во 2015 година го погоди Непал и во кој смртно настрадаа околу 9.000 луѓе, а со земја беа срамнети половина милион домови, ја снижи надморската височина на главниот град Катманду за неколку метри.
Непрофитниот конзорциум за геофизички истражувања UNAVCO уште пред две години објави дека еден од најсилните земјотреси кои ја погодиле хималајската држава Непал во последните 80 години, од 25-ти април 2015 година, предизвикал намалување на највисокиот врв во светот Монт Еверест.
Научниците од UNAVCO тврдат дека по природната катаклизма височината на највисоката планина на светот се намалила за еден инч, односно 2,5 сантиметар. Своите индикации научниците ги темелат на податоците добиени од сателитот „Sentinel-1A“ на Европската вселенска агенција (ESA), кои ги регистрирал на 29-ти април 2015-та.
„По поместувањето на тектонските плочи на Индија и Евроазија, предизвикано од земјотресот, се појавил расед на земјината кора. Тоа предизвика незначително намалување на височината на Монт Еверст“, беше наведено во извештајот на научниците од UNAVCO.
Професорот Роџер Билхам од Заедничкиот институт за истражувања во областа на животната средина оцени ѕогаш дека намалувањето на височината на врвот на Еверест, според него, може да изнесува милиметар или два. Од друга страна, пак, планинскиот масив Анапурна, исто така, на Хималаи, според научникот „пораснал“ за околу 20 сантиметри. „Тоа е како да собирате ластик, тој ќе се набере. Кога ќе го отпуштите, тој ќе се врати во првобитниот облик“, направи споредба Билхам со текот на процесите во планинскиот масив по земјотрес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.