Daily news
Прескокнувањето на појадокот е лошо за срцето
Планирањето на оброкот и меѓуоброкот однапред и секојдневното појадување може да го намали ризикот од заболување од кардиоваскуларните болести, соопшти Американското здружение за здравјето на срцето (AHA).
Консумирањето на обилен оброк со повеќе калории наутро, а помалку храна навечер, исто така, може да ја намали опасноста од срцев или мозочен удар, како и други кардиоваскуларни болести, сметаат американките лекари.
„Важно е да се размисли за тоа што јадеме, но, исто така, важно е и во кој период од денот јадеме“,смета др Мари-Пјер Сен-Онж, нутриционист и научничка на њујоршкиот универзитет Колумбија, и раководител на групата која ги напишала насоките за правилната и урамнотежената исхрана.
Таа го изнесува податокот според кој 30 отсто од Американците секојдневно го прескокнуваат појадокот, кај сите оние кои секојдневно го практикуваат забележан е помал ризик од кардиоваскуларни заболувања како висок холестерол или висок крвен притисок. Лицата кои го прескокнуваат првиот утрински оброк се поподложни на уште некои ризични фактори, како дебелеење, дијабетес и високо ниво на шеќер.
Времето на консумирање на оброкот е важно поради внатрешниот часовник на организмот. На пример, во текот на вечерта шеќерите не се преработуваат толку добро како преку денот. Поради тоа работниците кои работат во ноќните смени се поподложни на ризик од дебелеење и срцеви заболувања од оние со типично работно време.
„Претходните студии покажуваа дека појадувањето е поврзано со помалата телесна маса и поздравото исхранување, истовремено и со помалиот ризик од заболувања од кардиоваскуларни болести“, вели др Сен-Онж.
Но не треба да се заборив ниту дека не е добро да се појадува секаков оброк, особено доколку е премногу калоричен. Здравиот појадок е богат со овошје и зеленчук, целосни житарки, млеко и со мал удел од млечни масти, пилешко и риба, се наведува во насоките. Добрата исхрана значи и ограничено внесување во организмот на црвено месо, сол и продукти богати со големи количества шеќер.
Лекарите вклучени во ова истражување советуваат претходно планирање на оброкот, особено доколку станува збор за вработени лица која најчесто јадат „во од“.
„Оброкот може да се подготви и ден порано. Може да станува збор за обично смути, мафини од немелени житарки и мед. Советот за консумирање поголем број помали оброци во текот на денот за многумина целосно е нереален, бидејќи малиот оброк брзо се претвора во обилен оброк и зголемување на тежината е неизбежно“, предупредува др Сен-Онж.
Постои уште една „стапица“, кога се работи за времето на консумирањето на храната, а тоа е вечерниот оброк. Тоа е период кога во организмот често се внесуваат непотребни калории и со време се добива на телесната тежина, бидејќи луѓето најчесто јадат пред телевизор, компјутер или таблет.
Оттаму, др Сен-Онж советува „Кога ќе ја завршите вечерата, кујната се ‘затвора’, Доколку работниот распоред ви е пренатрупан и јадете дури доцна вечерта, тогаш вашите оброци треба да бидат лесни“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.